Македонија има најскап играч во еден од европските шампионати!

Македонскиот репрезентативец Агон Елези се наоѓа на самиот врв на листата на највредни фудбалери во Премиер лигата на Босна и Херцеговина, откако неговата пазарна вредност е проценета на 800.000 евра.

Играчот за врска на Сараево, кој има 25 години, го дели првото место на оваа листа со Маџид Шошиќ од Железничар, а зад нив следуваат неколку млади таленти и репрезентативци од Борец Бања Лука, Зрињски и Сараево.

Елези зад себе има одлична сезона во дресот на сараевскиот клуб, каде што се наметна како еден од клучните играчи во средниот ред и еден од најдобрите фудбалери во босанскиот шампионат. Македонецот минатото лето пристигна во Сараево и веднаш стана важен дел од тимот, а неговите добри настапи придонесоа и за раст на неговата пазарна вредност.

Особено импресивно е што Елези се наоѓа на врвот во конкуренција на бројни млади играчи кои важат за големи таленти во регионот. На листата на десет највредни фудбалери во лигата доминираат играчи од Борец Бања Лука, Зрињски, Сараево и Железничар.