• Мартин Танасковски
Македонија е подготвена за старт на квалификациите за Светското првенство (СП) кое во 2026 година ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Квалификациската група носи возбудливи пресметки, а се цели да се нападне прво учество на планетарниот фудбалски собир.
„Рисовите“ на Благоја Милевски се наоѓаат во група заедно со селекциите на Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Белгија и Велс според коефициентот важат за кандидати за првите две места на табелата. Првото води на СП 2026, второто води во бараж. Доколку Македонија не успее да влезе директно или во баражот преку групата, шансите за такво нешто повторно се огромни.
Математички пресметки направени пред стартот на циклусот велат дека нашата фудбалска селекција има дури 87% шанси да биде дел од баражот за СП 2026. Тоа е благодарение на првото место во групата од последното издание на Лигата на нациите, во сегментот Ц. Во бараж за светскиот шампионат одат дванаесет селекции кои ќе бидат втори во своите квалификациски групи, плус четири тима кои нема да бидат први или втори во квалификациите, но биле први во своите групи во Лигата на нации.
Македонија на табелата е единаесетта во тоа рангирање, пред нас се Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Велс, Чешка, Романија и Шведска. Потребно за бараж ни е барем седум од овие десет тима, да обезбедат директно учество на СП 2026 или барем бараж преку квалификациите. Што е сосема реално, ако се земе предвид за квалитетот на тимовите.
Заедно со Македонија, најмногу шанси за бараж благодарение на Лигата на нациите има Северна Ирска, која е со 90% шанси за такво нешто. Доколку дојде до бараж за СП 2026 преку Лигата на нациите, Македонија тогаш ќе е во четвртиот шешир и ќе има тешка ждрепка затоа што ќе ѝ влечат ривал од првиот сад. Во второто полуфинале играат тимови од Шешир 2 и Шешир 3, а победниците се во финале.