• Горан Упале
Фудбалските селекции на Данска, Норвешка и Шведска меѓу другото го одбележаа последниот циклус од Лигата на нации. Сите три селекции успеаја да направат пробив во своите дивизии, па во следната сезона од ова натпреварување ќе гледаме две екипи од Скандинавија во А дивизијата и една во рангот подолу.
Данска ќе продолжи да биде меѓу најдобрите селекции во Европа бидејќи успеа да остане во А сегментот во Лигата на нации со освојување на второто место во групата со Шпанија, Србија и Швајцарија. Со ремито без голови со Србија во Лесковац, Данците успеаја да ја остварат целта и ќе играат во четвртфиналето од Лигата на нации.
Директен пласман во повисоките рангови на ова натпреварување на УЕФА остварија селекциите на Норвешка и Шведска, првите се пласираа во А, односно Б дивизијата. Норвешка го заврши натпреварувањето пред Австрија и Словенија со 13 бода, со само еден пораз во шест натпревари. За овој епилог најмногу придонесе Ерлинг Халанд со седум гола (хет-трик во последното коло против Казахстан) и со тоа остана лидер на листата на најдобри стрелци во историјата на натпреварувањето со 19 погодоци.
И Шведска има свој „Халанд“ во форма на незапирливиот Виктор Ѓоќереш, чии девет гола на пет меча беа клучни за тимот на „трите круни“ да го заземе првото место во групата пред Словачка, Естонија и Азербејџан. Ѓоќереш ја продолжи својата неверојатна серија оваа сезона против Азербејџан со четири гола во победата од 6-0 за потврда на лидерската позиција во групата.
Покрај скандинавските селекции речиси перфектен настап имаше и Македонија. Нашата најдобар селекција за првпат ќе игра во Б сегментот во Лигата на нации, а до тоа стигна без ниту еден пораз, со пет победи и едно реми. Кај македонската селекција за издвојување е настапот на голманот Столе Димитриевски, кој мрежата ја сочува на дури пет натпревари.