Македонија и официјално „скокна“ три места на ФИФА ранкингот

Фудбалската репрезентација на Македонија се искачи три позиции повисоко на ФИФА ранкингот на најдобри селекции во светот. Откако во Скопје беше прегазен Лихтенштајн, а во Диузбург беше испишана историја, избраниците на Игор Ангеловски заработија 12,4 поени. 

Подвигот со Германија беше изненадување, па ова е нова задоцнета награда со која Македонија се смести на 62. место на светот, за сметка на Хондурас, Црна Гора и Словенија. Пред нас на ранкингот е ДР Конго, кој има нешто помалку од два поени предност. Македонија со новите 12,4 поени, собра 1.374,7, додека највисокиот пласман во историјата беше во 2008 година, кога нашата селекција котираше на 46 позиција. 

На врвот на ранкингот нема промени. Белгија остана лидер пред Франција и Бразил, додека подем од три позиции има Италија, која сега е седма. Наредни шанси за собирање на нови бодови ќе бидат тестовите и натпреварите на Европското првенство во јуни.