• Зоран Мишевски

Првпат во историјата се соочуваме со натпреварување во кое сме фаворити, со група во која најдобро котираме, со ривали кои во целост се инфериорни од нас. За првпат ќе мораме, ќе имаме притисок, но истовремено ќе сонуваме. Започнува Лигата на нации, нашиот полесен пат до Европското првенство – нашиот нов почеток.
Мора да ја наместиме главата дека самите себеси сме си најголеми ривали. Ни Ерменија, ни Гибралтар, ни Лихтенштајн – само самите ние. Само ако не бидеме професионални, концентрирани, само ако не трчаме колку што треба, само ако не ја користиме главата правилно, може да им дадеме шанса на другите.
По подолго време имаме репрезентација со кој пулсира цела нација, повеќе од една година непоразена и максимално подготвена за Лигата на нации. Мартовските мини-подготовки во Анталија, тест натпреварите со Финска и Азербејџан беа нашата добро завршена домашна задача. Ако не беа повредите на Адеми и Радески, веројатно Ангеловски ќе имаше идеална композиција во главата и на теренот.
Селекторот од поодамна се определи за проверен модел. Костурот на репрезентацијата е познат и потешко е да се влезе во вака формирана група на фудбалери. Веројатно како составен дел од оваа група се Адеми, Радески, Хасани... сите останати мора напорно да работат и чекаат шанса. Формата на нашите фудбалери по само еден месец клупски фудбал е одлична. Радуваат блесоците на Трајковски и Тричковски, лидерството на Пандев, големиот напредок на Барди и Столе Димитриевски, константоста на Спировски, Несторовски, Николов, Ристовски, Алиоски... Дури и системот на игра стана постојан и не се менува така лесно.
Овие предуслови налагаат оптимизам, иако лесни натпревари нема, па ако не пристапиме како што треба, ќе се „самоубиеме“. Затоа најголеми ривали си сме самите себеси, а не Гибралтар, Ерменија и Лихтенштајн.
Гибралтар:
Противник кој не треба да ги плаши нашите фудбалски љубители. Точно е, напредуваа, имаат огромен ентузијазам, играат неколку дена пред националниот празник, но тоа ништо не менува во планот на Ангеловски. По карактерот на новиот селектор Рибас, би требало да се агресивни, да трчаат повеќе, а ќе се обидат и тактички да парираат. Обид да се бранат во текот на целиот натпревар не би требало да им успее, а ниту играњето на вештачка треба не треба да претставува проблем за Пандев, Барди, Несторовски...
Ерменија:
На хартија најсилниот противник во групата. Податок што со нив играме три дена по гостувањето во Гибралтар е несреќна околност, но победа во Скопје ќе ги стави нашите момци во позитивна ситуација пред октомвриското гостување во Ереван. Освен Михтаријан, Ерменците немаат фудбалер кој игра во клуб од прва европска класа. Опасности секако дека има и од Сакисов од Краснојарск, Озбилиз од Вилем 2, Јаган од Еупен и Барсегјан од Вардар, но за „копје“ сме подобри од нив и како тим и како поединци.
Лихтенштајн:
Поучени од квалификациите за Светското првенство во Русија, натпреварите со Лихтенштајн лесно може да ги поедноставиме ако први постигнеме гол. Офанзивно оваа селекција е немоќна да возврати, па тешко игра кога ќе падне во вода планот А. Денис Салановиќ кој игра за Тун, има 22 години, треба да е освежување во репрезентацијата на Лихтенштајн. Со мали исклучоци, сите останати фудбалери не се професионалци и играат во домашниот шампионат.
Зоран Мишевски