• Мартин Танасковски
Европската фудбалска унија (УЕФА) подготвува значителни промени во квалификацискиот систем за Светското и Европското првенство, потврди денеска нејзиниот претседател, Александар Чеферин, најавувајќи дека новиот формат ќе биде официјално претставен во рок од шест месеци.
Во последните години, УЕФА спроведе низа иновации во своите клупски натпреварувања. Лигата на шампионите, на пример, од оваа сезона функционира во нов формат со единствена табела од 36 екипи, што внесе дополнителна неизвесност и динамика. Екипи како Пари Сен Жермен и Манчестер Сити ризикуваа елиминација сè до последното, осмо коло, но токму францускиот шампион на крајот го подигна трофејот, иако заврши само на 15. место во регуларниот дел од сезоната.
Во последниот месец се појавија шпекулации дека УЕФА размислува за „лига по примерот на Лигата на шампионите“ во квалификациите за следното Европско првенство, по неколкуте изјави на Чеферин во Лисабон. Сепак, Чеферин категорично ја отфрли можноста сличен модел да се воведе и кај репрезентативните квалификации. На Форумот за фудбалски бизнис во Милано, тој изјави „не“, одговарајќи кратко на прашањето дали ќе се применува системот со заедничка лига. На дополнително прашање кога јавноста може да очекува конкретни предлози, Чеферин додаде: „Би рекол дека за околу шест месеци ќе знаеме повеќе.“.
Целта на промените е да се зголеми атрактивноста на натпреварите, бидејќи интересот на навивачите и телевизиските куќи забележливо опаѓа, особено поради големите разлики во квалитетот меѓу националните селекции. Сегашниот формат на квалификациите за Светското првенство 2026 вклучува групи од четири или пет репрезентации кои играат двокружно. Но, во пракса тоа доведе до недостиг на возбудливи дуели и бројни еднострани резултати. Еден од најелоквентните примери е победата на Австрија над Сан Марино со 10-0, како и триумфот на Франција против Гибралтар со 14-0 во квалификациите за ЕП 2024.

