Македонија ЃП забележа нов пораз на подготовките во Анталија 

Новајлијата во прволигашкото фудбалско друштво, Македонија Ѓорче Петров, го одигра и вториот контролен натпревар во Анталија и повторно не успеа да забележи позитивен резултат. 

„Лавовите“, по минималниот пораз од  Шахтер Караганди (1-2), попладнево загубија од Ботев Вратца со 0-1. Македонскиот тим добро се држеше речиси во сите 90 минути, имаше неколку изгледни шанси за гол, но една грешка во одбраната го чинеше пораз, откако бугарскиот тим во самиот финиш по еден контра напад стигна до погодок, вреден победа на овој дуел. 

Во наредните денови Македонија Ѓорче Петров ја чека нов пријателски натпревар во Анталија, а до крајот ќе се одиграат уште два меча.