ВИДЕО: Македонија ЃП во 93. минута до триумф над Работнички

Македонија Ѓорче Петров на посакуван начин ја отвори Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), со победа (2-1) над Работнички извојувана во самиот финиш од мечот.

Тренерот Жикица Тасевски, кој беше назначен во месец март, конечно го дочека официјалното деби и ќе го памети по добро. Двата скопски тима одиграа допадлив натпревар, ремито можеби ќе беше реален исход, но во самиот финиш една супер-акција на домаќините донесе погодок во мрежата на Работнички и бодовите останаa во Ѓорче. 

„Лавовите“ беа поконкрентен ривал на стартот и нижеа шанси, додека Работнички на Достаниќ чекаше шанси преку контри. Првата убава шанса на мечот беше во 12. минута, кога Воша испрати удар кон голот со глава, но Јанков перфектно одбрани, за потоа да се има уште една прилика преку Демир, но и таа остана неискористена.

Иницијативата се круниса со гол во 40. минута, кога погоди 39-годишниот Боби Божиновски. Играчот на Македонија ЃП со глава го совлада Ристе Јанков, по центаршут на Томе Китановски од десната страна. Тоа беше резултат на паузата, а Работнички се врати во мечот на стартот на второто полувреме, поточно во 55. минута кога Петковски во улога на одличен асистент го проигра Димитар Тодоровски, а тој погоди од мртов агол и го измами Христијан Стевковски.

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: „Лавот“ Боби Божиновски знае да тресе мрежи и на 39 години!

Во продолжението од средбата и двата тима имаа свои шанси, но не ги искориsтија. Кога сите чекаа крај, Македонија ЃП притисна, Филип Петров се проби по десната страна и додаде до Ермедин Адем, а тој донесе посакувани три бода за домашните (2-1).

Во следното коло Работнички ќе биде домаќин на Беласица, додека Македонија ЃП се соочува со гостување во Чаир кај Шкупи.