• Горан Упале

Екипата на Македонија ЃП се радува на првата овогодишна победа на гостински терен, откако во рамки од 24. коло во ПМФЛ со минимални 0-1 го совлада составот на Тиквеш и направи скок на прволигашката табела.
Двете екипи во натпреварот влегоа со императив за победа и ставање крај на лошата серија. Тиквеш е без триумф оваа година, додека „лавовите“ ремизираа на последните две средби што резултираше со тренерска смена. Муарем Бајрами ја напушти клупата на Куп-освојувачот, а неговото место го зазеде Горан Симов, кој токму денес го имаше своето деби.
Првото возбудување во Кавадарци пристигна по само неколку минути игра, откако Југо испрати опасен центаршут од лева страна, но Попзлатанов не успеа најдобро да ја зафати топката и биеше над голот на домаќините. По нешто подобриот старт на гостите, во продолжение Тиквеш беше тој кој што го диктираше темпото на игра. Во 23. минута пристигна првата закана пред гостинскиот гол, откако Спашиу од полудесно не ја погоди целта.Најголемата шанса во првиот дел ја пропушти Мишов, кој биеше силно, но непрецизно.
На полувреме мрежите мируваа во Кавадарци, а во вториот дел започна со голема шанса на „лавовите“, а одново во фокусот беше Попзлатанов. Овој пат искусниот фудбалер со глава биеше прецизно, но недоволно силно за да го совлада Димовски, па резултатот остана непроменет.
Сепак, во 67. минута Димовски остана без реакција по ударот на Фазли. „Лавовите“ иницијативата конечно ја крунисаа со погодок, откако по фантастична тимска акција Фазли ја закова топката во домашната мрежа и Македонија ЃП стигна до заслужена предност.
По примениот погодок, Тиквеш немаше друга опција освен со сите сили да тргне во напад, но отворената игра можеше да им се удри од глава, затоа што Стојкоски во финишот не реализира од изгледна позиција за 0-2. Во самата завршница Тиквеш имаше иницијатива, но не успеа да ја претоври во гол за реми, па на првата овогодишна победа ќе чека до наредниот месец.
По 24. одиграни кола Македонија ЃП ја зазема шестата позиција на табелата, додека Тиквеш падна на седмото место.