Македонија ЃП и Шкендија со минимални победи над Вардар и Гостивар

За време на репрезентативната пауза, дел од фудбалските клубови во земјава го користат празниот викенд за да одиграат пријателски средби. Попладнево, се одиграа две навистина квалитетни пресметки меѓу прволигаши и амбициозни второлигаши, а поуспешни беа екипите од елитата. 

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров го совладаа Вардар на тестот кој се одигра на теренот во истоимената населба. Резултатот беше минимален 1-0, а погодок падна само во вториот дел. Двајцата тренери комбинираа, даваа шанси на повеќе играчи, па дуелот можеше да заврши со било кој исход. „Лавовите“ во второто полувреме останаа со десетмина на теренот, меѓутоа ниту тоа не ги спречи со единствениот гол во 74. минута да запишат триумф над скопскиот ривал. 

Добра пресметка се играше и под Шар Планина, каде што Гостивар ја дочека Шкендија и загуби исто така со минимални 0-1. Тетовчани овој натпревар го решија во своја корист со гол во првото полувреме преку Влатко Стојановски. Младиот напаѓач го запиша својот дебитантски погодок во 23. минута, а потоа до крајот на мечот намаше резутлатски промени. 

Следниот викенд се враќаат возбудувањата во ПМФЛ и ВМФЛ. Шкендија ѝ гостува на Победа, Македонија Ѓорче Петров ќе го дочека лидерот Струга Трим Љум, додека во второлигашкото друштво Вардар ќе игра дома со Локомотива, а Гостивар оди во Виница кај Слога.