ВИДЕО: Македонија ЃП и Брегалница според планот, Детонит му зеде скалп на Башкими

Екипите на Македонија Ѓорче Петров и Брегалница одново одиграа според планот во Втората македонска фудбалска лига и во рамките од 14. коло запишаа нови значајни три бода на своите конта. 

Штипските „сини“ го добија дербито на колото со Охрид и пред својата публика славеа со сигурни 2-0.  Натпреварот во Штип се играше во катастрофални услови, но и покрај тоа домашните фудбалери успешно ја завршија зададената задача. Резултатот го отвори Томовски во првото полувреме, додека конечните 2-0 ги постави Давид Стојков. Двата погодока беа постигнати по мешаници пред гостинскиот гол.

„Лавовите“ од Ѓорче Петров одработија уште една успешна мисија во второлигашкото друштво и во својот дом не дозволија изненадување против Арсими и славеа со минимални 1-0. Автор на победничкиот гол за некогашниот стандарден прволигаш беше Маркоски во второто полувреме.

  • Македонија Ѓорче Петров - Арсими 1-0:

Три бода освои и уште еден тим од нашиот главен град. Фудбалерите на Скопје подобро се снајдоа на претопениот терен во Гази Баба и со два гола во второто полувреме го совладаа составот на Новаци (2-0).

  • Скопје - Новаци 2-0:

Тимот на Детонит Плачковица извојува голема победа против Башкими, откако по пресврт славеше со сигурни 3-1. Митревски си погодок во првиот дел донесе водство за Башкими од 0-1, но во второто полувреме гостите не го издржаа налетот на противникот и тимот на Здравков со три гола се избори за пресврт и важни три бода.

  • Детонит Плачковица - Башкими 3-1:

Беласица носи значајни три бода од гостински терен. Младите момци на Александар Стојанов по двата врзани порази им се вратија на победите и на гостувањето кај Борец во Велес славеа со минимални 0-1 и со тоа направија скок од две места во второлигашката табела.

  • Борец - Беласица 0-1:

Кочански Осогово продолжува да тоне на второлигашката табела и попладнево на својот терен беа поразени од Саса со убедливи 1-3. 

  • Осогово - Саса 1-3:

По серијата лоши резултати, со гол во второто полувреме Кожув конечно ги израдува своите фанови со триумф, и на средбата со Победа славеше со 1-0. Најубедлив во денешната програма беше тимот на Вардар Неготино кој против „фенерџијата“ Вардарски славеше со високи 6-1.

По четиринаесет одиграни кола Македонија ЃП останува лидер со 35 бода, Брегалница има 33, додека Башкими остана на 29 бода. Во долниот дел од табелата Вардарски останува последен со само два бода, а пред него се Борец со пет и Осогово со осум бода.