• Мартин Танасковски

Екипата на Македонија Ѓорче Петров е освојувач третпат во историјата освојувач на Купот на Македонија, откако по пенали славеше над Струга Трим Љум (1-1 регуларен дел, 2-0 пенали) и по осум години „лавовите“ станаа првата екипа која го одбранила пехарот. „Лавовите“ и стружани понудија по еден гол во регуларниот дел, а во пенал-серијата актуелниот првак во ПМФЛ не постигна ниеден гол и така им дозволи на ѓорчепетровци да дојдат до титулата.
- Извештај од натпреварот:
Дуелот почна со доста тврда и внимателна игра. Симов и Дуро ги имаа подготвено играчите за психолошка борба, затоа што влогот во ова Куп-финале беше голем, особено за Македонија ЃП која играше за место во Европа. Дури десет минути се чекаше за првиот шут, тој ѝ припадна на Струга, но не беше опасен. Македонија ЃП играше на прекршоци, но тренерот Горан Симов неочекувано остана без еден од првотимците. Стојков се повреди во 32. минута, на негово место влезе Самаке.
Тактичкото надмудрување продолжи и понатаму, а пред финишот на првото полувреме падна и првиот гол. По еден шут на Попзлатанов, топката удри во раката на Кочоски, по што судијата Стојчевски покажа на белата точка. Најстрогата казна за Македонија ЃП во гол ја претвори стоперот Филип Мишевски кој воедно е и најдобар стрелец на „лавовите“ сезонава.
Тоа беше резултат и на паузата, а на стартот на вториот дел Струга почна да прави притисок. Две шанси имаше Бесарт Ибраими, но не погоди, а откако воведните минути му припаднаа на предизвикувачот, на сцена стапи Македонија ЃП. Во 57. и 62. минута се заканија Фазли и Стојкоски. Двајцата имаа убави можности, но немаше гол.
Изненади следниот потег на Дуро затоа што во 75. минута го повлече Бесарт Ибраими, а на негово место го стави Хоган, но по таа измена, стружани дојдоа до израмнување. Во 77. минута Фатјон Јусуфи израмни на 1-1. Играчот на Струга се најде во добра позиција по една одбрана на Стефковски и ја смести топката во мрежата. За време на голот почна да паѓа и силен дожд, така падна и темпото на игра, па дуелот замина во продолженија. Во додатните 30 минути, повеќе од шансите имаше Македонија ЃП. Во првото продолжение, Самаке имаше прилика по добро проигрување од Алексовски, додека во второто, се обиде Скендери ама безуспешно и мечот продолжи на пенали.
Серијата ја отвори Таири кој го промаши цел гол, но Ќосевски потоа го прочита шутот на Мишевски. Продолжи Радески од Струга, тој ја погоди пречката, а Личина од Македонија ЃП го скрши мразот и донесе предност за „лавовите“. Стружани продолжија со промашувањата, Незири пак ја погоди пречката, a Ќосевски забележа втора интервенција, овој пат против Алексовски. Стефковски ги покажа квалитетите кога му фати шут на Буњамин Шабани, а потоа Македонија ЃП го реализира клучниот пенал.
Македонија ЃП поради освојувањето на Купот на Македонија заедно со Шкупи и Шкендија ќе игра во квалификациите за Конференциската лига, додека Струга е во квалификациите за ЛШ.