• Саше Љолес
Дел од италијанските медиуми веќе се зафатија со работа и прават „комбинаторики“ околу евентуалниот пласман на фудбалската репрезентација на Светското првенство кое се игра следната година.
Како што стојат работите, многу веројатно е дека Италија ќе биде втора во својата квалификациска група и третпат по ред ќе игра бараж за учество на Мундијалот. „Аѕурите“ теоретски можат да ја стигнат Норвешка, која е лидер со 18 бода, но имаат далеку полоша гол-разлика (Норвежаните имаат 29-3, додека Италија има 18-8).
Ова значи дека Италијанците полека се подготвуваат за нова драма во бараж-натпреварите, а одредени медиуми веќе „стравуваат“ дека повторно може да ги снајде истата лоша судбина. За потсетување, Италија не учествуваше на последните две Светски првенства затоа што не го мина баражот. Еднаш загуби од Шведска, и еднаш од Македонија во Палермо.
Токму овој епилог ги вознемирува навивачите, затоа што постои шанса Италија во овогодинешниот плеј-оф да игра токму со една од овие две селекции, иако тоа ќе биде појасно откако ќе се одиграат сите квалификациски натпревари во ноември.
Доколку Македонија заврши како третопласирана во групата Ј, во игра се четири ривали, меѓу кои е и Италија, а токму овој епилог малку ги плаши „аѕурите“, кои доживеаја болни порази од Шведска и од Македонија.
Шансa за нов дуел со „аѕурите“ постои, но во моментов, само во теоријата. Македонија има можност да остане втора во својата група, што автоматски ќе ни донесе полесен противник, но ако завршиме трети, ждрепката може да одлучи повторно да играме против Италија. Во овој случај, притисокот секако ќе биде повеќе на нивната страна.
Еднаш веќе покажавме дека можеме да ја совладаме оваа велесила. Тогаш, херој во Палермо беше Александар Трајковски, кој со гол во 92. минута го сруши сонот на четирикратниот планетарен владетел.
Дали повторно ќе бидеме сведоци на ваква мега-пресметка, останува да видиме во периодот што следи.



