• Мартин Танасковски
Комплетирани се натпреварите од четвртото коло од Лигата на нациите, по кое само две селекции останаа со максимален учинок по четири одиграни натпревари.
Со 12 бода од четири средби се две балкански имиња. Првото е изненадување, селекцијата на Грција, која во конкуренција во Лига Б со Англија, Ирска и Финска има четири победи, додека второто име е Романија која е најдобра во Лигата Ц со четири победи во дуелите со Косово, Кипар и Литванија.
Македонија е трета најдобра земја во Лигата Ц кога ќе се сумира ранкингот на сите учесници во натпреварувањето. Како што напоменавме, прва е непоразената Романија со 12 бода, а по неа следат Шведска, Македонија и Словачка со по десет освоени бода.
Швеѓаните имаат +8 гол-разлика (11-3), Македонија е на +7 гол-разлика (8-1), додека Словаците се на +5 (8-3). Зад овие три селекции, се наоѓа Косово со девет освоени бода.
Лигата на нации продолжува во месец ноември, кога ќе се одиграат последните два меча од настанот на УЕФА и ќе биде познат конечниот пласман. Македонија е пред заверка на првото место и промоција во Лигата Б.