ВИДЕО: Македонија дозволи пресврт и запиша седми пораз во мундијалските квалификации

Женската репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Луксембург (2-1) во осмиот натпревар од квалификациите за Светското првенство.

  • Извештај од натпреварот:

Нашиот национален тим беше благ фаворит за освојување на цел плен на оваа средба. Почетокот донесе рано водство за македонските фудбалерки. Уште во првата минута од натпреварот Гентијана Рочи се запиша во листата на стрелци и ја израдува македонската селекција. Шокот не донесе паника во домашните редови. Луксембург започна да се заканува и полека да ја префрла иницијативата на нашата половина.

Кобна за македонската одбрана во два наврати пред самата пауза беше Ејми Томпсон. 27-годишната напаѓачка израмни по половина час игра, а потоа го комплетира пресвртот пред самиот крај на воведното полувреме. Двата гола паднаа од прекин. Тоа го натера Кирил Изов да има поинаков пристап во вториот дел. Македонија тргна за да избори израмнување и да избегне нов пораз.

Наташа Андонова имаше неколку непрецизни обиди. Статистиката беше на страната на македонските репрезентативки. Тие упатија повеќе удари кон противничкиот гол, но на крај не успеаја да пронајдат решение за домашната одбрана во завршницата. Ова е седми пораз за Македонија во овој квалификациски циклус. Следните натпревари од групата Д се закажани за септември, кога македонскиот национален тим ќе биде домаќин на Летонија, па ќе гостува кај Австрија.