Македонија добива член во Примера: Атлетико го „мерка“ Ристовски!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Ристовски е мета на европски великан. За услугите на бекот заинтересиран е шпанскиот гигант Атлетико Мадрид, дознава Gol.mk.

Ристовски прикажува одлични игри во хрватска Ријека, па за него има заинтересирано неколку европски клубови, меѓу кои е и Атлетико. Претставници на клубот веќе биле во клупските простории на Ријека, а исто така, ги следеле и неговите настапи.

Најпрво, скаутите биле присутни на дуелот против Осијек, а исто така, биле дел и од големото хрватско дерби меѓу Динамо Загреб и Ријека на „Максимир“, кое заврши без победник (1-1).

Фудбалерот кој настапува на десната бековска позиција игра одлична сезона и е на добар пат да ја освои титулата во хрватското првенство. Според јавноста во Хрватска, Ристовски е еден од најдобрите фудбалери во шампионатот. Покрај од Атлетико Мадрид, пред извесно време за нашиот фудбалер интерес пројавија и екипи од Турција.