Македонија добива 1,5 милиони евра ако е прва во Лигата на нации!

Македонската фудбалска репрезентација е на добар пат да биде прва во групата од Лигата „Д“ во Лигата на нациите и ќе има шанса да се бори за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, а покрај историската шанса за европскиот собир, ќе се добие и солиден финансиски прилив во касата на федерацијата.

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) на последниот состанок реши да ги зголеми премиите за сите 55 земји-учеснички во Лигата на нациите. Поради учеството во Лигата „Д“, Македонија наместо претходно најавените 500.000 евра ќе добие 750.000 евра, а идентична сума, односно 750.000 евра, националниот тим ќе земе ако заврши како прв во групата. 

Првото место во групата носи вкупно 1,5 милиони евра, само од солидарниот фонд на УЕФА. Зголемени премии ќе имаат и селекциите во Лигите „А“, „Б“ и „Ц“. За учество и прво место во најсилната лига ќе се добие 5,5 милиони евра, во Лигата „Б“ првопласираните селекции ќе добијат 3 милиони евра, додека во Лигата „Ц“ премијата изнесува 2,5 милиони евра.

Нашиот национален тим досега има две победи над Гибралтар и Ерменија, а наредните два меча ќе дадат слика дали фудбалерите ќе бидат први и дали ќе разигруваат за ЕП 2020. Прво, во Скопје гостува Лихтенштајн, за потоа да се патува за Ереван каде се игра клучниот меч со Ерменците.