• Зоран Мишевски
Македонската фудбалска репрезентација ги дозна противниците за квалификациите за Светското првенство во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико. За место на првиот Мундијал со 48 репрезентации, „рисовите“ ќе се борат со репрезентациите на Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.
Ждрепката посака Македонија да се најде во групата Ј, а интересно е што првите две селекции веќе ги имавме за противници во квалификациската група за Мундијалот во 2014 година. Тогаш завршивме последни во групата со Белгија и Велс, но овој пат се надеваме дека воопшто нема да биде така. Првпат во натпревари за бодови ќе играме со Казахстан, а против Лихтенштајн имаме максимален учинок и највисока победа во нашата историја (11-1).
Квалификациски групи за Светското првенство во 2026 година:
Група Ј:
Белгија, Велс, Македонија, Казахстан, Лихтенштајн
Група А: Италија/Германија, Словачка, Северна Ирска, Луксембург
Група Б: Швајцарија, Шведска, Словенија, Косово
Група Ц: Данска/Португалија, Грција, Шкотска, Белорусија
Група Д: Франција/Хрватска, Украина, Исланд, Азербејџан
Група Е: Шпанија/Холандија, Турција, Грузија, Бугарија
Група Ф: Данска/Португалија, Унгарија, Република Ирска, Ерменија
Група Г: Шпанија/Холандија, Полска, Финска, Литванија, Малта
Група Х: Австрија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Сан Марино
Група И: Италија/Германија, Норвешка, Израел, Естонија, Молдавија
Група К: Англија, Србија, Албанија, Летонија, Андора
Група Л: Франција/Хрватска, Чешка, Црна Гора, Фарски Острови, Гибралтар
Ќе бидеме сведоци на многу интересни натпревари и се надеваме дека овој пат Македонија ќе успее да направи подвиг со евентуален директен пласман на Светското пренство, што секако би претставувал историски успех за нашиот национален тим.
Квалификациите за европските селекции за СП 2026 ќе започнат во март 2025 година со групите од пет учесници во квалификациите, додека групите со четири тима ќе започнат во септември 2025 година.
Пласман на Мундијалот од европската зона ќе обезбедат победниците од групите, додека второпласираните ќе одат во бараж со четирите најдобропласирани репрезентации од Лигата на нации кои нема да изборат пласман преку квалификациите.