• Мартин Танасковски
Македонската фудбалска репрезентација чекори кон еден од најважните предизвици во својата историја, откако обезбеди учество во баражот за пласман на Светското првенство во 2026 година. И додека атмосферата во тимот е полна со оптимизам поради можноста за историски пробив, Светската фудбалска федерација (ФИФА) донесе одлука која значајно може да влијае врз патот на сите селекции што ќе се обидат да стигнат до Мундијалот преку баражот.
Според новообјавениот систем на поделба, репрезентациите што ќе го изборaт учеството на СП преку дополнителните квалификации ќе бидат сместени во последниот шешир при ждрепката за групната фаза. Таквата одлука автоматски ги позиционира како аутсајдери, без разлика на тоа колку силен, квалитетен или историски успешен е нивниот тим. Практично, тоа значи дека ќе можат да добијат исклучително моќни противници уште во самата групна фаза, што значително ја намалува шансата за поволен распоред.
Одлуката на ФИФА веќе предизвикува незадоволство кај дел од најугледните европски селекции кои се најдоа во истата ситуација како и Македонија. Италија, Данска, Турција и уште неколку репрезентации со богата традиција чувствуваат дека оваа регулатива го потценува нивниот квалитет и ги става во подредена позиција, иако нивниот пласман преку бараж може да биде резултат на минимални нијанси во квалификациите. Меѓутоа, за Македонија фокусот останува на основната цел, а тоа е изборување на дебитантски настап на Светско првенство. Нашиот национален тим веќе докажа дека знае да се носи со притисок, а пласманот на Европското првенство во 2021 година како и спектакуларната победа над Италија во Палермо покажаа дека не постојат натпревари во кои Македонија нема право да верува во позитивен исход.
Ждрепката донесе тежок, но не и невозможен пат. Во полуфиналето од баражот на 26 март Македонија ќе гостува во Данска, против ривал што важи за еден од најконзистентните тимови на стариот континент. Данците поседуваат стабилен систем, долгогодишен континуитет и одлична генерација, но македонската репрезентација повеќе пати докажа дека може да биде конкурентна дури и на терените на селекции кои важат за фаворити. Доколку Македонија успее да ја помине првата пречка, само пет дена подоцна ќе ја очекува финале кое ќе одлучува за визата за Светското првенство, а противник ќе биде победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска, две селекции кои по квалитет и стил на игра нудат различни предизвици, но секоја со свои слабости што можат да бидат искористени.


