• Мартин Танасковски

Фудбалската приказна на Мјелби е хитот во европскиот фудбал. Малиот клуб од шведското село со околу 1.000 жители ја освои титулата во земјата на „трите круни“ пред гигантите и за првпат во историјата ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите. Ситуацијата која делуваше невозможна, ама стана реалност и ја обиколи Европа како фудбалска бајка создадена од љубители на фудбалот на кои спортот им беше споредна професија, ни ја раскажа Даниел Ивановски, некогашниот репрезентативец на Македонија кој живее во Шведска и е поврзан со колективот скоро две децении.
Ивановски, кој сега има 42 години, живее во градот Солвесборг, близу до селото Мјелби. Во шведскиот фудбал е присутен како тренер, а занаетот го пече баш во екипата на Мјелби каде работи во младинските категории. Фудбалскиот пат го однесе од Македонија во Шведска во 2006 година, а таму остана и да живее. Во Мјелби стекна статус на клупска легенда, ужива максимална почит, затоа што за клубот има преку 150 настапи. Беше дел од најсветлите денови на Мјелби, но и најтемните, кога екипата се бореше за егзистенција и едвај се спаси од Четврта лига од каде веројатно тешко дека некогаш и ќе излезеше.
Кога говориме за професионалниот фудбалски пат, Ивановски, кој е од Македонска Каменица, го почна на североистокот на нашата земја, преку кратовски Силекс. Неколку месеци потоа играше и за Вардар, па му почна авантурата во Скандинавија. Можеби многу работи можеа да бидат поинаку, доколку пред две децении му успееше трансферот во хрватскиот и регионален фудбалски гигант Динамо Загреб. Тогашниот газда Здравко Мамиќ го сакал во тимот по секоја цена, го донел во Загреб на прегледи. Во него се гледало огромен потенцијал, но склоп на околности донеле трансферот да пропадне, иако ги минал лекарските прегледи и бил на врвот на листата на еден од најдобрите трансфер-менаџери на сите времиња.
„Беше јануари, 2005 година ако добро ме служи памтењето. Бев таму, Ото Бариќ кој ме следел со Хрватска кога играв за У21-тимот на Македонија ме препорачал заедно со Дарко Тасевски како потенцијали од Македонија. Се сместив во Загреб, бев во хотел заедно со Лука Модриќ, тогаш тој како тинејџер почнуваше да се крева како фудбалско име. Се сеќавам на еден момент како да беше вчера, тоа беше кога заедно со Модриќ, сегашен освојувач на Златната топка, на маса јадевме бурек. Тогаш тренер во тимот беше Јосип Куже. Сашко Пандев играше во Динамо. Јас на преглед, се готово... си велам ете го транферот! Сепак, склоп на околности донесоа да не завршам во Динамо. Тренерот Куже бараше да менувам агент. Мамиќ сака да дојдам, тој не. Дури и му рекол на Мамиќ – „Ако ми го донесеш Даниел, јас си давам оставка“. Мене во меѓувреме ми рекоа дека уште сум млад, неискусен, па затоа се одлучиле за друг играч и го прифатив тоа. Се уште жалам затоа што не заиграв за еден клуб и име како што е Динамо Загреб“, го започна Ивановски разговорот за Gol.mk.
Стоперот потоа се врати во Македонија, а по неколку месеци во Силекс, потоа и во Вардар, заминува за Шведска од каде дошла понудата од Мјелби. Тогашен второлигаш, за кој никој не веруваше дека еден ден ќе стане шампион во Алсвенска лигата. Приказната за клубот е интересна – од првата лига, завршил во третата лига. Играл клучен меч за бараж кој едвај го добил и оттогаш почнала ренесансата!
„Потоа ми дојде понуда од Мјелби, па ја прифатив веднаш. Кога јас дојдов во Шведска, Мјелби беше второлигаш. Имавме мисија да влеземе во Првата лига. Тогаш клубот си ја гледаше својата економија и својот буџет, па им одговараше Втората лига. И по 25 години ние успеавме да го внесеме клубот во најдобриот шампионат. Игравме четири до пет години во Прва лига, потоа испаднавме во Втора, па во Третата лига. Беше катастрофално, затоа што бевме долу на табелата, игравме за опстанок. Имавме последен меч да се биде или не за нас. Ако победиме, опстануваме. Ако не – отидовме во фудбалска провалија! Противник беше Преспа Билик. Тензија, емоции, борба... тоа било чудо! Победивме на неверојатен начин, Мјелби се спаси и опстана во Третата лига.
Е, после овој меч, се менуват управата, затоа што беше многу тешко. Следеше целосна реорганизација. Верувајте, на Швеѓаните им е многу важна економијата во еден клуб. Се направи една анализа, ревизија на буџетот, се донесе конкретен план за иднината. Целта беше јасна, враќање во Втора лига. Како тренер дојде Милош Милојевиќ од Црвена Звезда, тоа беше 2018 година. Мјелби експресно се врати во Втората лига, а следната сезона следеше и пласман во Првата лига. Тоа беше 2020 година. И покрај сите падови, клубот застана на нозе. Можеби звучи лудо, но јас сметам дека овој меч со Преспа Билик беше оној кој ја најави бајката наречена Мјелби“, продолжи македонскиот фудбалер.
Во Шведска, клубовите немаат газда. Се работи за Акционерски друштва во кои бизнисмените го вложуваат својот капитал и согласно вложените пари секој поседува акции и има право на глас на Собранијата. Секој има право да донесе нов играч со свои пари, но не и лично да раководи со парите на другите.
„Нема сопственици во шведските клубови. Тука сите се Акционерски друштва. На пример, луѓе од градот кои имаат бизнис и пари, вложуваат. Таква е ситуацијата во Мјелби. Кога бевме ние пример, секој бизнисмен даваше по 100.000 евра за клубот. Но, разликата од другите земји е што во Шведска се знае до евро каде одат парите. Не можеш да правиш матни зделки со парите од клубот“, ни раскажа некогашниот репрезентативец.
Дали во неговото време Мјелби верувал дека еден ден може да направи ваков голем успех? Секако дека не, ако некој кажел дека малиот клуб од селото со 800 до 1000 жители ќе стане шампион – ќе го направеле луд.
„Ова е нешто страшно што се случува. Живееме еден магичен сон од кој не сакаме да се разбудиме. Јас уште кога дојдов во клубот пред дваесетина години на шега кажав – „Зошто да не освоиме лига еден ден?“. Ме гледаа како да сум луд, пред еден Малме, пред АИК, пред Ѓургарден, пред Гетеборг, еден мал Мјелби да биде шампион? Само пласманот во Алсвенска за нив беше успех, а не, пак, титула. Страшно, уште сум во шок. Еден мал клуб како Мјелби помина како брз воз низ лигата. Со бодови, со рекорди, со што се не...“, истакна Македонецот.
Колку за илустрација за силата на клубот во однос на останатите и за амбициите, за повеќето луѓе во Мјелби, фудбалот била споредна работа. Лично го познава чудотворецот – тренерот Андерс Торсенсон, чија најголема љубов е овој мал клуб на која ѝ се враќал во повеќе наврати – од помошник тренер, па до главен предводник, се до најголемото чудо во историјата на шведскиот фудбал.
„Директорот на клубот на пример има земјиште со јагоди, го сака клубот уште од дете. Се ќе даде за Мјелби. Овој тренерот што е сега, Андерс Торстенсон, беше тренер во 2013 година кога дојдов во Шведска. Беше дел од специјалната војска, па во училиште беше како наставник и педагог и дојде во Мјелби каде од помошник стана прв тренер. Ама се скара со играчите и си замина. Па со години беше директор во шведско училиште. Ако ви се верува, Мјелби беше негово прво фудбалско искуство кога бев јас играч. Игравме Прва лига заедно. Потоа од 2016 до 2018 беше во Карлскона, па пак направи пауза и се врати во Мјелби во 2021, па 2023 година. Останатото е историја“, истакна Ивановски.
А, каков тим е Мјелби? Има ли ѕвезди, со што располага во моментов за настапот во Лигата на шампионите?
„Нема ѕвезди во Мјелби, никој не е ѕвезда. Се работи за играчи кои се скаутирани во Втората лига. Еве уште една интересна работа – скаутот на клубот е поштар. Сега му дадоа 100% да биде во фудбалот, инаку претходно си ја работеше и другата работа. Кога ќе видиме низ историјата, кога игравме ние, имаше повеќе имиња од странство. Сега работите се променети, има и еден Норвежанец во тимот кој е клучен во скаутингот, се вика Кал. Тој е професор-доктор. Го најдоа на интернет. Работел во ОДД Гренланд во Норвешка со деца.“, раскажа Ивановски.
Тренерот Торсенсон има и тешка животна приказна, затоа што се бореше со леукемијата низ годините.
„Торстенсон е голем човек. Се бореше со леукемија низ годините и многу ми е драго што сега го живее овој момент. Кога зборувавме за неговото здравје, тој ми кажа – „Даниел, фудбалот ми дава надеж. Ме оживува. Се чувствувам како да живеам нов живот“. Со него сме во одлични односи. Се уште не може да поверува дека е шампион на Шведска. И не само тој, туку и играчите“
Има ли човек кој може да се издвои во актуелниот тим?
„Верувајте, нема. Ете, пример, Том Петерсон. Мој добар пријател. Децата ни одат заедно во училиште. Се чувме за оваа титула. Во шок е. На никој не му се верува. И претседателот 40 години го чекаше ова. Не е тоа толку сензационално дека Мјелби освои титула, туку на каков начин освои титула. Сите се опиени од играта. Нозете сами им играат. Пријател сум и со капитенот Јеспер Густафсон. Заедно игравме во Мјелби во 2013 година. Легенда. Во клубот е од почетокот па до сега. Незаменлив дел од успехот“
Клучен дел во раководството е и главниот човек за финансиите – Магнус Емеус.
„Магнус е главниот за економијата. Тој направи многу за клубот. Донесе план како да се заштедат пари, да се врати Мјелби на нозе. Да се состави добар тим. Го фатив во мое време, две години работевме заедно во Шведска. Кога бевме во Третата лига, сакаше да работам во една од неговите фирми затоа што тука кога си дел од таа ниска лига не можеш да живееш само од фудбалот. Знае како се води екипа. Има голем удел во успехот. Продаде повеќе играчи. Последниот му беше голманот Ноел Торнквист кој му го продаде на Комо за следната сезона“
Интересна приказна е што капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, бил на проба во Мјелби. Но, затоа што бил странец, клубот не го потпишал. Пред него избрал Швеѓанец, а Барди заминал во Унгарија.
„Енис Барди беше на проба во Мјелби. Бевме заедно пет дена. Дојде преку Агим Сопи, некогашниот асистент во репрезентацијата на Македонија. Одличен играч. Можеше да го земат. Ама, знаете како е во странство. Имаше неколку Швеѓани на негова позиција и ситуацијата не беше на негова страна. Беше многу разочаран, замина во Унгарија. Но, за среќа успеа. Многу добар човек е Енис и се радувам за него што стигна да биде капитен на Македонија. Навивам за Македонија и од тука, ги следам сите натпревари, се слушам со стари колеги и другари. Ќе ми биде драго ако момците играат на едно Светско првенство. Го заслужуваат тоа. Секоја радост на Македонија уште е и моја радост“
Даниел Ивановски играше за Мјелби во три наврати. Од 2006 до 2014 година, па во 2015 година и на крајот во 2017 година. Ја заврши кариерата во 2018 година во Солвесборгс, клуб од градот во кој живее и сега, поради здравствен проблем со очите и тешка повреда. Зад своето име има и 12 настапи за У21-селекцијата на Македонија, како и уште пет за сениорскиот тим чиј дрес го носеше до 2013 година.
„Во мојата скандинавска авантура бев со Мјелби во Прва лига, па заминав во Исланд една година, па пак се вратив во Мјелби кога бевме долу, па пак една година во Исланд, за на крај пак да се вратам во Мјелби и на крајот да ја завршам кариерата во пониските лиги по една тешка повреда и проблем со очите. Престанав со фудбалот затоа што лекарите така ме советуваа. Морав да го направам тоа, но задоволен сум од се што постигнав и се што остварив. Благодарен сум за се што добив како фудбалер.“
Каде е Даниел Ивановски во моментов и што прави?
„Живеам во Шведска, во Солвесборгс. Тоа е град, поразвиен од Мјелби. Мјелби, сепак, е селце споредено со шведскиот стандард во другите градови. Тука сум со семејството. Имам две дечиња – ќерката ми игра кошарка, синот е по фудбалот. Но, не им правам притисок да се спортисти. Сопругата ми е Србинка. Работам како тренер во Мјелби во младинските погони. Земав две лиценци во Шведска, план ми беше да дојдам и во Македонија да полагам за другите лиценци, но имав еден мал оперативен зафат кој ме спречи во тоа. Здравје, во иднина се надевам дека ќе дојдам пак во Македонија за фудбал.“
И додека Мјелби го живее сонот, клубот се подготвува да прими финансиска инјекција од неколку милиони евра од страна на Федерацијата заради домашната титула. Премиите за големиот успех се подготвени и за играчите, ќе се реновира и стадионот во малото селце од 1.000 жители кој на секој натпревар е полн, за да се подобрат условите. Ако се стигне да се направи целата процедура во следните месеци, во малото село ќе се игра и Лига на шампиони. Сепак, и покрај сите премии, покрај сите елитни натпревари, покрај се што носи иднината – Мјелби ќе си остане Мјелби – малото клупче со голема душа, шведскиот Лестер Сити кој го оствари невозможното, ги победи сите предвидувања и сите фаворити и ја направи најголемата сензација сезонава во европскиот фудбал.

