• Горан Упале
Матеј Гаштаров е една од главните теми во српските медиуми по големото дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан. Македонскиот фудбалер одигра одличен натпревар и беше меѓу најзаслужните за победата на „црвено-белите“ од 2-1.
За својот настап Гаштаров доби високи оценки, а неговиот квалитет го потврдија и соиграчите. Во видео објавено од клубот, речиси сите фудбалери го посочија Македонецот за играч на натпреварот. Покрај него, го издвојаа и Стефан Гудељ.
Во меѓувреме, од Фудбалскиот сојуз на Србија изразија желба Гаштаров да настапува за српската репрезентација. Сепак, Македонија веќе го повика младиот играч за врска, откако селекторот Гоце Седлоски потврди дека тој ќе се најде на списокот за претстојните натпревари во Лигата на нации.


