Македонец во Хакен носи трофеи, но и „извезува“ играчи во Интер, Валенсија...

Откако лани испиша клупска историја и со своите пулени до 16 години го освои Купот на Шведска, надежниот македонски стратег Христијан Цветковски напорната работа со младинските категории на Хакен ја круниса со нов трофеј, овој пат зграпчен на доминантен начин. 

>>> ПОВРЗАНО - Младиот македонски стратег Цветковски не знае за пораз во Шведска

Втора година по ред, У16 тимот на Хакен на чело со Цветковски се искачи на врвот на шведскиот фудбал, кога во прашање е Националниот Куп. Оваа сезона неговите момци не знаеја за пораз во ова натпреварување. Првата фаза ја завршија со скор од седум победи и едно реми, во полуфиналето го совладаа гигантот АИК Стокхолм со 2-1, а шлаг на успешната авантура беше ставен со сигурната победа во финалето, извојувана над ИФ Елфсборг

„Среќен сум на новиот успех на моите фудбалери. Тие го заслужуваат овој успех. Патот до трофејот во ова натпреварување е многу тежок. Во првата фаза одигравме осум натпревари против најсилните екипи и извојувавме седум победи (меѓу кои и клучната против директниот ривал Хелсинборг со 4-0), и само еднаш одигравме нерешено. Нашиот најдобар натпревар го одигравме во полуфиналето, против АИК, кој е гигант во младинскиот фудбал во Шведска. На тој меч победивме со 2-0, а потоа во финалето славевме над Хелсинборг“, за Gol.mk изјави популарниот Кико

Одличната работа на Цветковски со младинските категории не носи само резултати и трофеи за Хакен, туку и под негова палка никнаа низа на фудбалери кои веднаш беа забележани од страна на неколку европски гиганти и своите кариери се решија да ги продолжат во странство. 

„Претходната сезона бевме меѓу фаворитите, но оваа направивме големо изненадување и докажавме дека нашата академија е една од најдобрите во Шведска. Не само заради резултатите, туку и заради стилот на игра и моделот на работа, кој е многу поразличен од останатите клубови. Нашата напорна работа и одличните резултати во континуитет нè прават среќни и ни даваат дополнителна мотивација со исто темпо да продолжиме и во иднина. Веќе имаме играчи кои потпишаа договори со нашиот прв тим, а некои се решија кариерите да ги продолжат во странство. На пример, Елвис Линдквист се пресели во Интер, Вилиам Миловановиќ во Валенсија, Расмос Венд во АЗ Алкмар и уште многу други“, додаде Цветковски. 

Хакен и Цветковски со победа ги стартуваа настапите и во домашниот шампионат, каде досега е одиграно само едно коло. Во истото Хакен извојува убедлива победа од 3-0 над градскиот ривал Оис.