Македонец со два гола стана играч на колото во српската Суперлига

Македонскиот крилен напаѓач Андреј Тодороски беше клучната фигура во победата на ТСЦ Бачка Топола над Спартак Суботица, постигнувајќи два гола во натпревар што може да има големо значење во борбата за опстанок.

Во дуелот одигран во Суботица, Тодороски не покажа милост кон својот поранешен клуб, иако од почит кон навивачите и средината во која помина четири години, не ги прослави погодоците. Првиот гол го реализираше по асистенција на Радивоје Босиќ, додека вториот дојде по одлично додавање од Драгољуб Савиќ.

Со овие два погодоци, македонскиот интернационалец практично го запечати поразот на Спартак и сериозно ги намали шансите на тимот за опстанок, испраќајќи го чекор поблиску до понизок ранг.

Тодороски, кој во зимскиот преоден рок 2025 година пристигна во ТСЦ за сума од околу 450.000 евра, одигра еден од своите најдобри натпревари во дресот на клубот од Бачка Топола. Покрај головите, се истакна и со низа квалитетни дриблинзи, креативни додавања и постојана опасност по противничката одбрана.