ВИДЕО: Македонците не играа, Динамо ѝ даде ШЕСТ гола на Локомотива во ХНЛ

Динамо Загреб со стил ја отвори новата сезона и со голеада го испрати градскиот ривал Локомотива од „Максимир“, откако победи со 6-0 во првото коло од ХНЛ. Иако капитенот и македонски репрезентативец, Аријан Адеми остана на клупата, шампионот фуриозно го најави стартот на новата сезона. Во спротивниот табор не беше повикан Џемал Ибиши, кој пред само неколку дена го комплетираше трансферот од Вардар. 

Младиот фудбалер за врска, Ловро Мајер беше клучна фигура во почетната третина од мечот, кога со два гола во шестата и 28. минута на асистенции од Орсиќ и Гојак донесе предност за Динамо од 2-0. Противникот беше речиси целосно инфериорен, со исклучок на промашениот зицер од Цузе, кога Ливаковиќ ефектно одбрани. 

Продолжението од натпреварот остана во исто темпо, а Мејер по двата гола се запиша и меѓу асистентите, кога во 50. минута го проигра Гаврановиќ за високи 3-0. Следеше период на „празна“ игра без голови, за во 78. да започне шоу. „Модрите“ дадоа два гола во две последователни акции, кога стрелаа Орсиќ и Иванушев. Конечните 6-0 ги постави Андриќ во 89. минута од натпреварот. 

  • Извештај од натпреварот: 

Веќе за пет дена Динамо ќе патува во Пула кај Истра 1961, додека Локомотива гостува на Ријека.