Мак-фудбалот се враќа во средина на јуни, одбрано е второто сценарио?

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) имаше состанок со клубовите околу иднината на Првата македонска фудбалска лига, а учесниците во елитата гласале за фудбалот да продолжи.

Засега нема потврда, ама од она што се говори неофицијално е дека мнозинството клубови биле „за“ лигата да продолжи, а го одбрале второто сценарио. Како ќе изгледа мак-фудбалот според него, прочитајте во продолжение:

„Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по завршувањето од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последнопласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по завршувањето од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања“

Мак-фудбалот се очекува да продолжи во средината на јуни, со плеј-оф фазата без испаѓање, а за очекување е да има проширување на шампионатот, ако се земе предвид дека ВМФЛ нема да продолжи. Фудбалската федерација на Македонија најави повеќе информации на оваа тема наскоро.