ПМФЛ се враќа: Шкупи и Шкендија за тронот и жешка битка за Европа!

Најдобриот фудбалски шампионат во земјата која е најјужно на Балканот се враќа на програмата. Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) викендов стартува со вкупно единаесет екипи и ќе се играат три натпревари.

Премиерата во македонскиот фудбал ќе ја имаат екипите на Струга Трим Љум и повратникот Победа од Прилеп. Стружани имаа добар преоден рок, а главен адут на Срѓан Захариевски ќе му биде Бесарт Ибраими. Најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ се врати во најдобрата лига по кратката авантура во Ксанти и иако има 35 години во кичевчанецот се гледа како кандидат за најдобар стрелец. Победа е предводена од Бобан Бабунски, а примарната цел е опстанокот во најквалитетното друштво. Со повеќе нови имиња, некогашниот првак на Македонија ќе се обиде да им парира на сите. Главниот збор секако дека Победа ќе го има во градот под Марковите кули.

В недела на терените ќе истрчаат екипите на Академија Пандев и Брегалница Штип, односно Силекс и Работнички. Ќе биде возбудливо во Струмица да се види како подмладените „пандевци“ ќе парираат на „сините“ на Илчо Ѓорѓиоски. Брегалница оваа сезона влегува со поголеми амбиции во атак на Европа. Девет нови фудбалери дојдоа во клубот, на сите позиции има по едно ново име во Брегалница, па мора да се биде претпазлив на премиерата затоа што уште е рано за било какви прогнози и залетувања. Стартот на сезоните секогаш носи изненадувања.

Работнички предводен од новиот капитен Крсте Велкоски оди на мегдан со Силекс. Кратовчани на Горазд Михајлов имаа одлична сезона во ВМФЛ-Запад, беа убедливо најдобри и си обезбедија експресен кам-бек, а исто дојдоа и до финалето во Купот на Македонија каде имаа перфектен тактички меч, но по пенали загубија од Македонија ЃП. Во клубот се донесоа неколку нови српски фудбалери со кои се засили конкуренцијата. Во однос на лани, се задржаа доста првотимци како Љамалари, Божиновски, Цветаноски, Дуков, Коцев, Рајков... Работнички, пак, тргнува со нов тренер – го доби Љупчо Марковски. Славниот Калц по долги години реши да го напушти Скопје и да тргне во нова авантура. Во клубот тој ги доби Јанакиевски, Бошковски, Исмаили, Иванов, Велкоски.

А, фаворитите за титулата нема да играат овој викенд. Шкупи и Шкендија имаат европски обврски и оправдано се одложени нивните натпревари со Скопје и Тиквеш. Чаирчани на Гоце Седлоски се во третата квалификациска рунда во Лигата на Европа. Таму ги чека двомеч со Шамрок Роверс од Ирска. За ПМФЛ „гулабите“ од Чаир се подготвија доста добро – донесоа на искуство и квалитет. Ги ангажираа Бесир Демири, Али Адем, Пепи Ѓоргиев, Реналдо Цефас... Шкупи со овој состав и со оваа конкуренција пак е фаворит за тронот, но ќе се брани од атакот на Шкендија која посакува пак да е прва во мак-фудбалот. Артим Шаќири одлично ги склопи коцките во Тетово. Македонската легенда мина две европски пречки во Конференциската лига на УЕФА и чека двомеч со шведски АИК. Шкендија повторно делува сигурно на теренот, но останува да видиме дали може да му парира на Шкупи кој лани доминантно дојде до тронот на домашната сцена.

ПМФЛ ќе стартува со единаесет екипи затоа што Ренова во последен момент поради финансиска криза го откажа настапот во елитното друштво. Македонија ЃП така ќе биде слободна во првата рунда.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.