ВИДЕО: Мајсторски гол на Лаутаро, Интер му одржа лекција на Лацио

Фудбалерите на Интер продолжија со одличната форма и со победа од 2-0 над Лацио на „Џузепе Меаца“ се израмнија со Рома на врвот на табелата во Серија А. По 11 одиграни кола, двата римско-милaнски гиганти имаат по 24 бода, додека Милан и Наполи заостануваат со по 22. Лацио, пак, по овој пораз остана во средината на табелата со 15 освоени поени.

  • Извештај од натпреварот:

Мечот започна бурно, веќе во третата минута Интер дојде до водство. Алесандро Бастони одлично продре по левата страна и испрати прецизен центаршут во шеснаесетникот, каде што капитенот Лаутаро Мартинез ја зафати топката од прва и со силен удар ја смести во мрежата на Проведел за 1-0. Раното водство донесе сигурност во редовите на домаќинот, кој контролираше посед и ритам, додека Лацио тешко доаѓаше до сериозна шанса.

Првото полувреме не понуди многу возбудувања, но по паузата, „неразурите“ го зацврстија темпото. Во 62. минута, Интер ја удвои предноста преку Бони, кој од непосредна близина ја затресе мрежата по асистенција на Федерико Димарко. На момент изгледаше дека ќе следи убедлив триумф, бидејќи само четири минути подоцна Зиелински постигна погодок по брза контра, но ВАР прегледот покажа дека Димарко играл со рака во почетната фаза на акцијата, па голот беше поништен.

Во завршницата Лацио се обиде да ја врати неизвесноста, создаде неколку полушанси, но недостасуваше конкретност. Најблиску до гол беше Марио Ѓила во 77. минута, кога по удар со глава ја погоди пречката, а топката се одби точно на гол-линијата. Во 87. минута Лука Пелегрини излезе сам пред Јан Зомер, но швајцарскиот голман со брза реакција ја одбрани топката.