• Иван Димовски
Екипите на Нотингем Форест и Барнли го поделија пленот во последниот меч од петтото коло во Премиер лигата, играјќи нерешени 1-1 на „Сити Граунд“. Гостинот успеа да поведе во првиот дел, меѓутоа тогаш на сцена стапи новајлијата Калум Хадсон Одои кој изведа мајсторија. Сепак, ниту ефектниот погодок на крилниот играч не беше доволен за победа, а тимот на Винсен Компани го освои првиот бод сезонава.
- Извештај од натпреварот:
Средбата тргна израмнето, со игра на средината и по некоја можност на двете страни. Хадсон Одои прв се закани по гостинскиот гол, додека на спротивната страна шанса имаше Зеки Амдуни. Токму тој беше стрелец на првиот погодок на средбата. Швајцарецот го отвори резултатот во 41. минута од средбата, погодувајќи за предност на Барнли од 0-1.
Овој резултат беше активен на паузата и на стартот на второто полувреме. Израмување за Нотингем Форест донесе Хадсон Одои со својот првенец во новиот клуб. Англичанецот изведе мајсторија, повлече по работ на шеснаесетникот и откосо со многу ефе погоди во спротивниот горен агол, за еден од најубевите голови оваа сезона. Откако од 62. минута „шумарите“ израмнија, до крајот немаше резултатски промени. Во судиското продолжение поради невнимателен старт и газење на противник, црвен картон доби Лајл Фостер.
Нотингем е на осмото место со седум освоени бода, додека за Барнли ова беше првиот сезонски бод.