ВИДЕО: Мајсторија со пета на Бакамбу, реми како победа за Динамо и Ристовски

Фудбалерите на Динамо Загреб одиграа според планот и го одбранија домашниот терен, па со реми од 1-1 (0-1) го исфрлија Бетис од првата плеј-оф рунда во Конференциската лига на УЕФА. Средбата која се одигра пред полните трибини на „Максимир“ понуди по еден гол во двете полувремиња, а на крајот домашните се радуваа на место во осминафиналето. 

„Модрите“ влегоа добро во натпреварот, Бруно Петковиќ се закануваше во два наврати и изнуди интервенција на голманот, а еднаш погоди и пречка. Откако Динамо не ги искористи шансите, следеше казна и водечки погодок на Седрик Бакамбу кој стрела со пета во 38. минута за 0-1. Во второто полувреме Динамо успеа да дојде до израмнување. Арбер Хоџа го проигра Такуро Канеко кој погоди за 1-1, резултат кој ги израдува навивачите. 

Во продолжението на натпреварот Бетис се обидуваше да наметне темпо, повеќе ја имаше топката во своите нозе, меѓутоа не успеваше да креира опасни шанси пред голот на Невистиќ. На крајот Динамо успеа да се одбрани, па Стефан Ристовски, кој одигра цел натпревар, и неговите соиграчи ќе се најдат во ждрепката за осминафиналето. 

Големо изненадување приреди швајцарски Сервет кој минимално славеше на гостувањето кај Лудогорец (0-1) и со тој гол го реши двомечот во своја корист. Коњат стрела уште во шестата минута во Разграц, па Швајцарците успеаја да го одбранат ова водство до крајот на натпреварот.

Ајакс се намачи да го елиминира Бодо Глимт од Норвешка. По продолженија поранешниот европски првак славеше со 1-2 и ќе се најде во утрешната ждрепка за осминафиналето.