• Горан Упале

Екипата на Силекс ѝ стави крај на мини-серијата од две кола без победа во Првата македонска фудбалска лига и против аутсајдерот Шкупи извојува убедлив триумф од (4-0). Некогашниот шампион од Чаир со позитивни мисли и голема надеж отпатува за Кратово, но таму беше пречекан од разигран домаќин, кој воден од Мартин Мирчевски го одигра еден од најефикасните натпревари сезонава и заслужено ги освои трите бода. Оваа победа го зацврсти Силекс на четвртатата позиција на табелата со 25 бода, два помалку од Шкендија, додека на врвот се Струга со 32 и Вардар со по 33 бода. Шкупи пак, останува закован на дното со само еден освоен бод.
И покрај тешките услови за игра и калливиот терен во Кратово, домашните фудбалери уште од самиот старт на натпреварот наметнаа силно темпо, кое младите чаирчанци не можеа да го следат. Така, гостинската одбрана капитулираше уште во седмата минута, кога Алиќ со глава стрелаше за водство на Силекс од 1-0.
Летното засилување од Португалија, Мигел Пиреш, по нереализираната шанса уште на самиот старт, во десеттата минута по една контра не згреши по вторпат и погоди за 2-0. Овој резултат беше активен до 35. минута, во која одбраната на чаирчани одново беше немоќна, а убедливи 3-0 за домаќинот донесе Алиќ. Шлагот на фантастичното прво полувреме на кратовци го стави Мартин Мирчевски со прекрасен погодок во 39. минута, за убедливи 4-0.
Во вториот дел иста слика. Шкупи се бранеше, Силекс напаѓаше, но за првпат се затресе и домашната мрежа. По една грешка на дефанзивата Рибеиро го совлада Џеков и намали на 4-1. Сепак, работите си дојдоа на свое по само шест минути, кога Мирчевски со нов гол, овој пат од дистанца, ја врати позитивата на кратовци од четири гола (5-1).
Натпреварот во Кратово беше во неколкуминутен прекин, откако гостинските фудбалери се пожалија на неспортското навивање на „Кратери“. Главниот судија реагираше, натпреварот продолжи и Силекс рутински го доигра и го впиша осмиот овосезонски триумф.
Во следното коло, кое на програмата е по завршувањето на последната овогодишна репрезентативна пауза, Силекс на свој терен ќе се сретне со Арсими, додека Шкупи ќе ја пречека Шкендија.







