ВИДЕО: Мајстории на Погба и Марсијал - „ѓаволската“ машина го здроби и Фулам!

Манчестер Јунајтед на Оле Гунер Солјскер продолжува да гази на британско тло и по 11 натпревари сè уште не знае за пораз. „Ѓаволите“ попладнево во првиот меч од 26. коло на Премиер лигата го почестија својот менаџер со јубилеен десетти триумф, откако без многу мака го здобија лондонски Фулам со 0-3 (0-2).

Норвешкиот стратег за овој меч се реши на терен да истрча без стандардните Линделоф, Јанг, Рашфорд и Лингард, но тоа не му претставуваше проблем на неговите стартери уште во раната фаза од мечот да ги скршат отпорот на домаќинот. 

Јунајтед поведе по својата прва вистинска прилика, откако Погба на додавање на Марсијал од тешка позиција испрати бомба и го матира домашниот голман, Рико, за водство на својата екипа од 0-1. 

Само десет минути подоцна, Марсијал тргна во пеколна контра, мина двајца противници и рутински ја испрати топката во мрежата на немоќниот шпански голман. Момците на Раниери беа тотално надиграни во првите 45. минути, а единствени светли моменти имаа на самиот старт од мечот, кога изгледни шанси за гол пропуштија Сери и Шурле.

Ниту во вториот дел сликата на „Крејвен Котиџ“ не се промени. Јунајтед беше тимот кој ја имаше иницијативата, создаваше неколку шанси, а Погба во 64. минута и дефинитивно го отпиша Фулам, откако по прецизно изведен удар од 11 метри ги постави конечните 0-3. 

Со оваа победа, Јунајтед се искачи на четвртата  позиција на табелата во Премиер лигата со еден бод повеќе од Челзи, кој утре го игра големото дерби против Манчестер Сити