ВИДЕО: Мајорка без Трајковски минимално загуби од Бетис

Фудбалерите на Бетис славеа на тешкото гостување кај Мајорка со 2-1. По тешката победа над Валенсија (2-1), денес гостите мотивирано отворија и уште на стартот од пенал поведоа. Фекир зголеми на 2-0, а исто така од пенал Мајорка намали во вториот дел. Нашиот репрезентативец Александар Трајковски не беше во комбинација за настап поради повредата која ја заработи против Израел

  • Извештај од натпреварот:

Водството дојде уште во седмата минута, кога капитенот Хоакин погоди од белата точка. Предноста беше удвоена во 33. минута, кога офанзивниот играч за врска Набил Фекир лесно ја помина домашната одбрана и погоди во долниот лев агол. 

По паузата Мајорка заигра подобро, но Бетис ја одржуваше предноста. Гвардаро беше невнимателен и фаулираше во голманскиот простор, а судијата Мартинез по консултација со ВАР-собата покажа на белата точка. Најстрогата казна ја искористи Лаго Жуниор и во 55. минута дја намали негативата на својот тим. Мајорка притисна на крајот, но не успеа да израмни, иако погодија статива и имаа уште неколку добри шанси. 

Екипата на Бетис дојде до важни бодови и со две последователни победи од по 2-1 се одлепи од опасната зона на табелата. Тие во следното коло дома играат против Атлетик Билбао, додека Мајорка гостува на „Камп Ноу" кај Барселона.