• Горан Упале

Со две победи на домаќините и три реми исходи, започна првата саботна програма во новата година во Бундеслигата. Одморот за најдобрите клубови во Германија заврши, а денешниот ден ни донесе голови на четири натпревари, сигурна победа на РБ Лајпциг, како и реми на дербито во Леверкузен меѓу домашниот тим на Баер и Унион Берлин.
Екипата на РБ Лајпциг, која што имаше полусезона за заборав, со убедлив настап и победа од 4-1 ја започна новата година и периодот со новиот тренер Тедеско. На свој терен „биковите“ славеа над тимот на Мајнц 05, кој уште од 20. минута остана со играч помалку и му ја олесна работата на домаќините. Два гола постигна португалскиот ас Андре Силва, а по еднаш стрелаа Нкунку и Собослаи. За поразениот тим единствениот погодок го постигна Ле Џае Сунг за тогашни 2-1.
- РБ Лајпциг - Мајнц 05 4-1:
Фудбалерите на Баер Леверкузен во самиот финиш се спасија од пораз на дербито со Унион Берлин (2-2). „Фармацевтите“ важеа за фаворити на оваа средба, а имаа и предност од 1-0 (Патрик Шик), но гостите од Берлин со двата гола на Промел направија пресврт и поведоа со 1-2. Сепак, во самиот финиш на натпреварот Џонатан Тах на додавање на Јусуф Белараби погоди за конечни 2-2 и поделба на бодовите.
- Баер Леверкузен - Унион Берлин 2-2:
Без победник завршија и натпреварите меѓу Гројтер Фирт и Штутгарт (0-0) и Фрајбург и Арминија Билифилд (2-2), додека три бода освои уште Хофенхајм, кој со головите на Бебу (2) и Раум со 3-1 славеше над Аугсбург.
- Хофенхајм - Аугсбург 3-1:
Синоќа, на отворањето на годината во Бундеслигата, Баерн Минхен забележа нов пораз од Борусија Менхенгладбах, овојпат на свој терен со 1-2.