ВИДЕО: Маинц најсигурен до опстанок, Унион се спаси – Бохум оди во бараж

Последното бундеслигашко коло како по навика носи огромна драма, а така беше и во сезоната 2023/24.

Губитник во битката за опстанок беше екипата на Бохум, која на гости загуби кај Вердер со убедливи 4-1. Тимот од Бремен иако немаше резултатски мотив, успеа да дојде до голем триумф. Стрелци за домашните беа Фридл, Јунг и Стејџ за 3-0, а потоа Антви-Аџеи намали на 3-1. Сепак, со погодокот на Шмид беше ставена точка на победата.

Без дилеми работата си ја заврши Маинц 05, славејќи на гости кај Волфсбург со 1-3 (1-1). Иако Паредес донесе предност за домаќинот, меѓутоа до полувремето израмни Груда. Во вториот дел со погодоците на ван ден Берг и Буркардт екипата на Маинц си обезбеди сигурен опстанок. 

Во голема драма Унион Берлин се спаси од бараж бидејќи го совлада Фрајбург со 2-1 (0-0). Берлинците пред полните свои трибини промашија два пенали, меѓутоа на крајот се изборија за исполнување на целта. Јурановиќ не го реализизра првиот удар од 11 метри во првиот дел. Холербах донесе водство за Унион во 68. минута, меѓутоа славјето го расипа Доан со погодок во 85 (1-1). Сепак, откако Фоланд не погоди пенал, одбиената топка во гол ја претвори Хаберер за 2-1 во втората дополнителна минута. 

Маинц се пласира на 13. место со 35, бода пред Менхенгладбах кој имаше еден помалку. Со по 33 завршија Унион Берлин и Бохум, но берлинците ја имаа гол-разликата на своја страна.