Магијата на Деко: Како со „ич пари“ создаде нова и моќна Барселона?

Шпанскиот гигант Барселона во последните сезони повторно се врати меѓу најдобрите европски екипи, а голема заслуга за тоа има спортскиот директор Деко. Португалецот успеа да го стабилизира тимот, да ги намали трошоците и истовремено да му обезбеди квалитетни засилувања на Ханси Флик.

Неговата политика е јасна - помалку трансфери, но внимателно избрани играчи. Во комбинација со големиот број таленти од академијата, Барселона доби поширок и поконкурентен состав без огромни финансиски вложувања.

Резултатите се видливи и на теренот. Откако Деко го презеде спортскиот сектор, Барселона освои две титули во Примера, два Суперкупа на Шпанија и еден Куп на кралот. Особено впечатливи се финансиските резултати. Каталонскиот клуб за 20 нови играчи потрошил 289,5 милиони евра, додека од 31 продажба заработил 318 милиони. Тоа значи позитивен трансфер-баланс од 28,5 милиони евра. Разликата е огромна во споредба со најголемите конкуренти. Атлетико Мадрид е во минус 175 милиони евра, Реал Мадрид -408,5 милиони, додека Баерн има негативен биланс од 122,8 милиони евра.

Уште поголеми се сумите кај англиските гиганти - Арсенал е во минус 569 милиони, Манчестер Сити 618 милиони, а Ливерпул дури 635 милиони евра.

Деко со тоа покажа дека Барселона може да гради силен тим и без да троши огромни суми на трансфери. Младиот состав, талентите од академијата и внимателниот избор на засилувања се главните елементи на моделот кој повторно ја направи Барселона конкурентна во Европа.