• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Комо обезбедија пласман во четвртфиналето од Купот на Италија, откако по пресврт славеа на гостувањето кај Фиорентина со 3-1. Италијанскиот тим предводен од Сеск Фабрегас покажа дека добрата форма во калчото не е случајност и воедно покажа зрелост, квалитет и карактер, а наградата за тоа ќе биде дуел со Наполи во следната фаза.
- Извештај од натпреварот:
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот и рано стигна до водство. Во седмата минута, Фабијан уфрли од десната страна, а Пиколи со прецизен удар ја затресе мрежата за 1-0. Сепак, тој погодок не ја поколеба екипата на Комо, која постепено ја презеде контролата и почна да создава притисок. Израмнувањето стигна во 20. минута по корнер, кога по голема мешаница во шеснаесетникот Карлос се обиде со удар во пад, а топката дојде до Серхи Роберто, кој рутински ја спроведе во мрежата за 1-1.
Во 28. минута тренерот Фабрегас беше принуден на принудна измена, откако повредениот Довикас го напушти теренот. Наместо него во игра влезе Нико Паз, потег што се покажа како клучен за исходот на средбата. Токму младиот офанзивец беше човекот на одлука. Во самиот финиш на првото полувреме, по брза и организирана акција и центаршут од десната страна, по одбитокот Паз реагираше од прва и со удар по земја донесе пресврт.
Во завршницата од натпреварот Фабрегас реши да го извади Паз од игра, веројатно од претпазливост, а на теренот го испрати Алваро Мората. Искусниот Шпанец ја оправда довербата во судиското надополнување, кога по одлична акција по левата страна и прецизен пас на Кун, само ја постави ногата и ги постави конечните 1-3 со својот деби гол.
Со тоа, познати се и сите четвртфинални двојки во Купот на Италија. Тоа се средбите Болоња - Лацио, Аталанта - Јувентус, Интер - Торино и Наполи - Комо.








