ВИДЕО: Магичниот Ајакс го наполни Витесе за рекорд – најмногу голови во една сезона

Екипата на Ајакс одигра нов феноменален натпревар во холандскиот шампионат и со доминантен триумф над Витесе (4-2), постави нов рекорд во холандскиот фудбал.

  • Извештај од натпреварот:

„Копјаниците“ дојдоа до убедлива предност, па иако примија два гола, тоа не им влијаеше на победата на натпреварот. Витесе даваше отпор се до 41. минута, кога погоди Зијех за предност на тимот од Амстердам.

Со минимална предност се замина на пауза, а потоа, Душан Тадиќ и Матијс Де Лихт дадоа два гола за четири минути, за висока предност од 3-1. Витесе се врати во мечот преку Фор во 66. минута, меѓутоа, Душан Тадиќ со својот втор гол од пенал стави точка на настаните. Пред финишот, Дарфалу постигна нов гол во мрежата на фаворитот, за конечни 4-2.

Ајакс со убедливата победа постави рекорд како тим со најмногу голови постигнати во Холандија во една сезона. Тимот кој игра најдопадлив фудбал во Европа дојде до бројката од 160 гола во сите натпреварувања и во историјата го испрати рекордот на АЗ Алкмар од сезона 1980/81, со 158 гола во една сезона.

Ајакс во Ередивизие има 80 бода, три повеќе од второпласираниот ПСВ Ајндховен, кој има и меч помалку, па борбата за тронот ќе биде жестока до самиот крај на сезоната.