ВИДЕО: Маестро Модриќ донесе победа за Милан, а Алегри „полуде“ и беше исклучен!

Фудбалерите на Милан славеа минимално против Болоња со 1-0 (0-0) во натпреварот од третото коло на Серија А. Средбата на „Сан Сиро“ ја реши маестро Лука Модриќ кој го даде својот дебитантски гол во калчото. Домаќините заслужено победија, откако дури четири пати ја тресеа рамката од голот на гостинскиот тим.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот тргна со мирно темпо, а прво се тресеше домашната мрежа. Николо Камбиаги го пронајде патот во голот, меѓутоа имаше недозволена позиција. „Росонерите“ се консолидираа и презедоа иницијатива, па имаа и голема шанса. Первис Еступинан во транзиција добро се снајде и ја погоди десната статива. Рамката од голот на Болоња ја погоди и Сантијаго Хименез. До полувремето мрежите во Милано мируваа и на одмор се замина со почетниот резултат. 

На стартот на продолжението Алегри го замени Павловиќ со Кони Де Винтер кој дебитираше. Милан влезе подобро во вториот дел, а тоа резултираше со водечки гол во 61. минута. Првпат во дресот на „росонерите“ погоди Лука Модриќ кој доби асистенција од Салемакерс и рутински го матира Скорупски (1-0). Следуваше серија измени на двете страни, а резервистот Самуеле Ричи веднаш откако влезе погоди статива. И четврти пат Милан погодуваше статива, вторпат на средбата преку Хименез кој имаше зицер за да ја удвои предноста.

Во завршницата од средбата дебитираше и новајлијата Кристофер Нкунку кој се најде во ситуација кога имаше можеби и три прекршоци врз него. Судијата Матео Марченаро прво покажа на единаесет метри, а потоа ја провери ситуацијата и ја смени одлуката. Тоа го разлути тренерот Масимилијано Алегри кој во свој стил „полуде“ и ги загуби нервите, фрлајќи го палтото. За тоа главниот судија му покажа црвен картон.

Милан стигна до втората победа во Серија А и е петтопласиран, додека Болоња има три бода.