• Иван Димовски
Фудбалерите на Селтик извојуваа голема победа над Глазгов Ренџерс со 3-1 во 452. „Олд Фирм“ дерби и така останаа во игра за шампионската титула во шкотската Премиершип.
Ренџерс подобро го отвори натпреварот и уште во деветтата минута поведе преку Мур. Сепак, Селтик брзо се врати и преку Хјун Јун во 23. минута израмни на 1-1, резултат со кој се замина на одмор. Во второто полувреме следуваше шоу на Дајзен Маеда. Јапонскиот напаѓач во 53. минута донесе пресврт по асистенција на Тирни, а само четири минути подоцна постигна спектакуларен погодок со ножички за конечни 3-1.
До крајот дербито донесе многу тензија, прекини и остри дуели. Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски доби шанса од клупата во завршните петнаесетина минути, ама не успеа да му помогне на Ренџерс да избегне пораз.
Со оваа победа Селтик дојде на само еден бод зад лидерот Хартс на две кола пред крајот, а токму овие две екипи ќе играат меѓу себе во последното коло.



