ВИДЕО: Лукаку во 118. минута ја сруши Фиорентина и закажа градско дерби во Купот!

Фудбалерите на Интер во 118. минута ја сруши Фиорентина со голот на Лукаку и слави на „Артемио Франки со 1-2 (0-1) во осминафиналниот дуел во Копа Италија. Иако момците на Прандели парираа и не дозволија „нераѕурите“ лесно да победат, на крајот Лукаку кој денес беше резервист пак е херој на Конте. Интер поведе преку Видал, а израмни Куаме со атрактивен удар, за во финишот да се истакне Белгиецот.

  • Извештај од натпреварот:

Прандели и Конте тргнаа претпазливо, па не истрчаа со најсилните постави и калкулираа во изборот на првите 11. Интер беше поконретен и притискаше уште од стартот, ама сериозни шанси изостанаа. Сепак, гостите од Милано добија пенал откако Терачано невнимателно стартува над Санчез. Сигурен од 11 метри беше Артуро Видал и го отвори резултатот по 40. минути игра (0-1). Веднаш во наредната акција, судијата Маса покажа на белата точка и на спротивната страна по стартот на Скринијар, ама по преглед на снимката ја сменија одлуката. 

Второто полувреме беше слично, Интер притискаше ама не успеваше да погоди. По 57. минути игра по една мешаница Фиорентина стигна до израмнување (1-1). Корнер од левата страна донесе обид со ножички и голема гужва, а одбиената топка на околу 20 метри ја смири Кристијан Куаме и со атрактивен волеј го остави Хандановиќ „закован“ на место. Во продолжението Хакими имаше две шанси за Интер, а Бонавентура се закани за домашните ама мечот влезе во продолженија. 

И до 120. минута се играше брзо и на двете страни. Интер пак беше подобар и поконкретен, а топката како да не сакаше да влезе во мрежата на Терачано. Течеше 118. минута, кога резервистите режираа гол. Ромелу Лукаку стрела со глава од изгледна позиција по нафрлување на Барела за победа на Интер и избегнување на пеналите. 

Во четвртфиналето Интер ќе се сретне со градскиот ривал Милан на крајот од месецов.