ВИДЕО: Лукаку експлодира за ново „ѓаволско“ славје, Сити пак лидер на ПЛ!

„Олд Трафорд“ повторно беше сведок на вистинска премиерлигашка борба во рамките од 29. коло, зачинета со пет еврогола и пресврт победа на Манчестер Јунајтед против живалиот Саутемптон (3-2).

„Светците“ први поведоа со мајсторијата на Валери од преку 25 метри, но „ѓаволите“ на стартот од вториот дел за само седум минути успеаја да го преземат водството и да донесат голема радот на своите фанови. Андрес Переира добиената шанса како првотимец ја круниса со прекрасен гол, додека за 2-1 се погрижи Ромалу Лукаку, кој по една одлична соло акција го надмудри Ган. 

Ревијата на мајстории на „Олд Трафорд“ продолжи во 75. минута, кога Ворд Праус погоди од слободен удар, но Лукаку експлодира во вистински момент и во „Ферги-тајм“ ги постави конечните 3-2. Во самиот финиш од мечот Пол Погба промаши пенал за уште поубедлива победа на „ѓаволите“. Со оваа победа, Јунајтед се врати на четвртата позиција на табелата и сега има бод повеќе од Арсенал против коj на „Емирати“ ќе се судри во следното коло.

Бранителот на титулата, Манчестер Сити идентично како во претходното коло против Вест Хем, со минимални 0-1 славеше на гостувањето кај незгодниот Борнмут на Еди Хоув. Големите три бода за „граѓаните“ ги донесе летното засилување Ријад Марез, кој на асистенција на Давид Силва во 55. минута го пронајде патот до мрежата на Боруч и ги разочара фановите на „Виталити“. Со оваа победа, Сити барем до утре кога се игра дербито на Ливерпул, ќе остане на челната позиција на табелата во Премиер лигата со два победа повеќе од „црвените“. Сепак, повредите на Стоунс и Де Брујне, кои предвреме го напуштија натпреварот треба да го загрижат Гвардиола. 

Екипата на Кристал Палас на погонот на Батчиуји и Заха брзо им се врати на победите во Премиер лигата и по поразот од Јунајтед со убедливи 1-3 славеше на гостувањето кај Барнли. 

На останатите два меча, Брајтон по пет неуспеси, стигна до победа откако со 1-0 славеше над отпишаниот Хадерсфилд, а „волците“ со сигурни 2-0 триумфираа во дуелот со Кардиф.