Лука Станковски: Ме прифатија одлично, Горица мора да избори опстанок!

Gol.mk ексклузивно интервју

Младинскиот македонски репрезентативец, Лука Станковски неодамна пристигна во словенечка Горица како позајмен фудбалер, откако неговиот матичен клуб, Газиантеп, ја прекина сезоната во Турција после катастрофалниот земјотрес и големата трагедија во која загинаа илјадници луѓе. 

Gol.mk поразговара со нашиот перспективен фудбалер, тој беше расположен за одговор на нашите прашања и вели дека е одлично прифатен во новата средина. 

„Морам да признаам дека одлично ме прифатија во Горица. Во Словенија пристигнав како позајмен фудбалер од Газиантеп и потпишав договор со важност до крајот на сезонава. Потоа, ќе морам да се вратам во Газиантеп со кој следната сезона повторно ќе играме во турската Супер лига“. 

Горица почна да бележи малку подобри резултати, особено во последно време. Младиот Лука Станковски веднаш даде свој придонес за новиот тим и успеа да постигне два гола во првите два меча за Горица, која моментално го држи “фенерот“ во првата словенечка лига. 

„Атмосферата во клубот е значително подобрена, особено по натпреварот со Целје, кој успеавме да го добиеме на гостински терен. Ние сме во добра форма, но и нашите конкуренти за опстанок исто така бележат добри резултати, па трката за останување во лигата ќе биде навистина неизвесна и ќе се бориме до самиот крај“. 

Познато е дека Горица има тешка задача да избори опстанок во лигата, а нашиот Лука Станковски вели дека би бил пресреќен доколку тимот успее да остане во елитата. Се чувствува одлично и едвај чека да продолжат предизвиците во првенството. 

„Секако дека сакаме тимот да биде прволигаш и догодина. Како што реков, конкуренцијата е жестока, но мораме да сме фокусирани максимално на нашата цел. Индивидуално јас би сакал да придонесам со уште голови за Горица, но мораме да работиме сите заедно како тим. Овде има супер поединци, одлични луѓе и јас силно верувам дека ќе успееме во тешката мисија. Ако тимот игра добро, добрите резултатите се неизбежни, а тоа сигурно ќе значи и добар перформанс од мене лично“. 

Го прашавме младиот Лука и за очекувањата со У21 репрезентацијата на Македонија која наскоро ќе одигра силни контролни мечеви со Летонија, Финска и Словачка, а полека веќе се подготвува и за новиот квалификациски циклус за ЕП. Нашите млади фудбалери беа во добра серија од пет мечеви без пораз. 

„Имаме навистина добра генерација фудбалери во репрезентацијата и тоа го докажавме на минатите натпревари. Јас верувам во нашите квалитети, а и сите останати знаат дека можеме да дојдеме до добар резултат во силната квалификациска група. Македонија никогаш не се откажува и се надевам дека ќе ја радуваме јавноста во текот на следниот циклус. Очекувам сите да бидеме максимално подготвени за стартот на квалификациите во септември. Дотогаш има уште многу време, се надевам дека сите ќе бидеме во добра форма и на најдобар можен начин ќе одговориме на задачите од селекторот Канатларовски“, заклучи нашиот млад репрезентативец. 

20-годишниот Лука Станковски е производ на младинската школа на Работнички. За него имаше интерес и беше близу до потпис со италијанска Монца, но сепак минатата година се пресели во редовите на Газиантеп, а во Горица пристигна откако тимот го откажа учеството во првенството поради огромната трагедија во Турција.

За потсетување, младата селекција на Македонија е во квалификациската група за ЕП заедно со Холандија, Шведска, Грузија, Молдавија и Гибралтар. Само првопласираниот тим директно добива виза за настап на континенталниот собир, а најдобрите второпласирани селекции ќе играат дополнителен бараж дуел.