• Саше Љолес

Легендарниот француски репрезентативец, Кристоф Дугари, даде помалку шокантна изјава поврзана со првата ѕвезда на ПСЖ, Килиан Мбапе. Поранешниот напаѓач смета дека тренерот Луис Енрике не го сака премногу Мбапе и затоа си дозволува такви „екскурзии“ како на последниот меч против Рен, кога го повлече од игра во 65. минута.
Енрике потоа изјави дека „играчите мора да се навикнат на игра без Мбапе во тимот, затоа што ѕвездата летово скоро сигурно заминува во Реал Мадрид, но Дугари е дециден во ставот дека не се работи само за тоа.
„Луис Енрике не го сака Мбапе. Тоа е јасно и очигледно. Не му се допаѓа стилот на игра, неговиот став и движење на теренот. Не знам дали се работи за некакво претерано его на тренерот или сака да вметне одредени „шпански гледишта“ во францускиот фудбал, но ми се чини дека не постои преголема љубов за Мбапе“, смета Французинот.
Изјавата на Дугари ја пренесоа голем дел од француските медиуми, а во коментарите често може да се забележи дека има луѓе кои се согласувваат со неговото мислење. Килиан Мбапе во летниот преоден рок се очекува да потпише за Реал Мадрид и да го направи најголемиот трансфер годинава.