Луис Енрике ги мотивира фудбалерите со приказна за Надал, Федерер и Ѓоковиќ!

Целиот свет со нетрпение го очекува реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите во кој Баерн Минхен ќе се сретне со ПСЖ, и сите се надеваат дека ќе бидат сведоци на уште еден фудбалски спектакл, сличен на оној што беше виден на 28 април на „Паркот на принцовите“ кога официјалниот шампион на Стариот континент славеше со 5-4.

Во пресрет на претстојниот натпревар во главниот град на Баварија, тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, истакна дека дуелите против најсилните клубови на планетата мора да бидат дополнителна мотивација за секој фудбалер:

„Во еден момент од својата кариера, Рафа Надал рече дека ривалството со Федерер и Ѓоковиќ е извор на мотивација за него. Се обидувам да им го објаснам тоа на играчите. Ние му се восхитуваме на Баерн затоа што играат добар фудбал, но тоа е и мотивација да го пронајдеме нашето најдобро ниво. Ќе се обидеме да надминеме сè, особено атмосферата“, рече Енрике.

Интересно е да се напомене дека Баерн и ПСЖ досега одиграа 17 дуели. Ниту еднаш натпреварот не заврши без победник, а Баварците победиле девет пати, додека клубот од француската престолнина славел еднаш помалку.

„Минатата година се снајдовме во тешки ситуации. Ќе играме во Минхен и ќе се обидеме да го сториме истото. Мораме да бидеме уште посилни од минатата година, кога ќе помислам на овие натпревари се сеќавам на зборовите на Рафа“, рече Шпанецот на клупата на францускиот клуб.

Противник на ПСЖ или Баерн Минхен во големото финале ќе биде екипата на Арсенал која синоќа го елиминираше Атлетико Мадрид.