• Горан Упале
Австрискиот стратег Оливер Гласнер и официјално е нов менаџер на Нотингем Форест, откако потпиша тригодишен договор со премиерлигашот и го наследи Витор Переира на клупата на „шумарите“.
Британските медиуми откриваат дека сопственикот на клубот, Евангелос Маринакис, не штедел средства за да го доведе поранешниот тренер на Кристал Палас. Гласнер ќе заработува дури 13 милиони фунти по сезона, со што стана втор најплатен менаџер во Премиер лигата. Пред него е само Микел Артета со годишна плата од 15 милиони фунти, додека иста сума како Австриецот добива и Чаби Алонсо.
Тоа значи дека за трите години од договорот Гласнер ќе инкасира вкупно 36 милиони фунти, што беше една од главните причини да ја прифати понудата на Нотингем Форест, иако претходно имаше интерес и од Милан, како и од уште неколку европски клубови. Назначувањето на Гласнер повторно го стави во центарот на вниманието контроверзниот сопственик Маринакис, кој е познат по честите тренерски смени. Минатата сезона промени дури четворица тренери, а најмногу реакции предизвика начинот на кој се раздели со Витор Переира.
Според „Атлетик“, португалскиот стручњак добил отказ по електронска пошта во 23:58 часот на 30 јуни, само две минути пред автоматски да се активира клаузулата за продолжување на неговиот договор. Иако сè било во рамките на договорот, ваквиот потег на Маринакис беше оценет како крајно некоректен, особено ако се земе предвид дека Переира успеа да го задржи клубот во Премиер лигата.
Гласнер во Нотингем пристигнува по успешниот период во Кристал Палас, каде освои ФА Куп, Комјунити Шилд и Конференциската лига, а сега ќе има задача да го одведе Форест чекор погоре во англискиот фудбал.

