• Горан Упале

Екипата на Борнмут со победата од 3-0 против Кристал Палас го презеде водството во трката за шестото место во Премиер лига, позиција која оваа сезона би можела да донесе и најбизарен пласман во Лига на шампиони досега.
„Црешите“ играат во одлична форма го прескокнаа Брентфорд, а расплетот на првенството би можел да доведе до неверојатно сценарио во кое на некои клубови во последното коло дури и пораз би им одговарал за пласман во елитното натпреварување.
На Англичаните коефициентот им донесе дополнително место во Лигата на шампиони следната сезона, што значи дека и петтопласираниот тим на табелата ќе игра во најсилното клупско натпреварување во Европа. Работите се комплицираат ако Астон Вила ја освои Лига Европа, што автоматски би значело и настап во Лигата на шампиони следната сезона. Тогаш и шестопласираниот клуб од Премиер лигата би обезбедил учество во Лигата на шампиони.
Иако е малку веројатно, постои сценарио според кое шестопласираниот тим во последното коло можеби ќе мора да загуби за да обезбеди Лига на шампиони, наведува „Би-Би-Си“. Брајтон во последното коло го пречекува третопласираниот Манчестер Јунајтед, а Брентфорд гостува кај Ливерпул, кој е четврти. Ливерпул е пред Астон Вила само поради подобра гол-разлика, додека Манчестер Јунајтед му бега шест бода.
Ако Брајтон или Брентфорд би биле сигурни дека ќе го задржат шестото место дури и во случај на пораз, тој пораз би можел да им донесе пласман во Лигата на шампиони наместо во Лига Европа. Победата на нивните противници би помогнала Астон Вила да остане на петтото место, што е клучен предуслов за активирање на опишаното сценарио. Се разбира и со тоа Астон Вила да триумфира во Лигата на Европа.
Според моменталната состојба, осум англиски екипи ќе се квалификуваат за европските натпреварувања следната сезона, но тој број би можел да се искачи и на десет. Ако Нотингем Форест ја освои Лига Европа, а Кристал Палас Конференциска лига, притоа да не завршат меѓу првите седум или осум, тоа би значело дека половина од англиската лига следната сезона ќе игра во Европа.







