• Мартин Танасковски

Екипата на Брегалница од Штип забележа голем резултат. Тимот славеше на гостувањето кај Скопје (1-0) во рамки на 24. коло од Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) и дополнително ја направи ситуацијата на врвот луда.
- Скопје - Брегалница 0-1:
Штипјани предводени од тренерот Влатко Костов дојдоа кај тимот што немаше пораз оваа сезона на домашен терен и успеаја да дојдат до големиот резултат со еден гол кој падна во првото полувреме, а на кој стрелец беше Талески. Одлична партија за „сините“ имаше и голманот Купанов, кој во повеќе наврати го спаси својот тим од налетите на Скопје.
Сега на врвот на табелата во ВМФЛ е густо, Охрид, Шкендија Арачиново и Брегалница имаат по 52 бода, додека Скопје падна на четвртото место со 50 бода.
- Шкендија Арачиново - Тетекс 2-0:
Шкендија Арачиново до ова салдо дојде со победа од 2-0 на домашен терен над Тетекс. Интересно е што Шкендија победи со два автогола кои си ги постигна Мартин Радуловиќ-Величковиќ од таборот на „штофарите“.
- Преспа - Саса 1-4:
Преспа на домашен терен немаше сила за изненадување и загуби од Саса со резултат 1-4. Екипата од Македонска Каменица до трите бода дојде со головите на Бурим Алиев, Филип Николовски, Кристијан Чурлинов и Михаил Танчев. За Преспа погоди Неџми Реџепи.
- Детонит Плачковица - Кожуф 3-2:
Три бода освои и Детонит Плачковица, која пред својата публика со 3-2 го доби Кожуф. За домашните погодија Филип Манасиевски, Сашо Дуков и Тони Мичковски, додека за Кожуф стрелци беа Ангел Кочев и Давид Ивановски.
- Слога Виница - Победа 4-2:
Дуелот меѓу Слога Виница и Победа заврши со резултат 4-2, додека Беласица и ГФК Осогово не понудија голови (0-0).







