• Иван Димовски
Фудбалската сезона во Аргентина заврши на начин што е веројатно типичен само за јужноамериканскиот фудбал, а со славје на Бока Јуниорс за нова титула во првенството. Сепак, за ситуацијата да биде поинтересна, директна помош на лутиот ривал до тронот му сервираше Ривер Плата, победувајќи го Расинг, кој беше во игра за првото место.
Бока Јуниорс одигра нерешени 2-2 (1-1) против Индепендиенте, па мораше да стравува од победа на Расинг против најголемиот ривал. На преполната „Бонбоњера“ гостите поведоа од пенал преку Леандро Фернандез, но бргу домашните се вратија преку Гиљермо Фернандез. Резервистот Виља на стартот на продолжението стрелаше за водство на Бока, меѓутоа страв кај играчите и навивачите донесе Ваљеко со гол за 2-2 во 81. минута.
- Бока Јуниорс - Индепендиенте 2-2:
Како фудбалот да беше споредна работа за Бока, па будно се следеше резултатот на натпреварот во Авеланеда. Таму Расинг во второто полувреме поведе против Ривер Плата од пенал преку Рохас (1-0), па до пред финишот фановите беа во делириум. Сепак, во 80. минута Мигел Борха погоди за израмнување, со што Бока беше пак во предност.
- Расинг - Ривер Плата 1-2:
Вистинска драма донесе завршницата. Расинг одново доби пенал, одговорноста ја презеде Галван, ама биеше млако и неговиот удар го скроти Армани, правејќи ѝ директна услуга на Бока. Во судиското продолжение Борха и вторпат ја тресеше домашната мрежа, за да стави точка на лудата разврска на шампионатот на Аргентина.
На крајот Бока Јуниорс го задржа првото место со 52 бода, со 50 заврши Расинг, додека Ривер Плата со победата си ја обезбеди третата позиција.




