• Горан Упале
Екипата на Атлетик Билбао е вториот патник во финалето на овосезонскиот Куп на Кралот на Шпанија. Баскискиот тим и на реваншот го надигра фаворизираниот Атлетико Мадрид и со вкупни 4-0 обезбеди натпревар за титулата против Мајорка.
- Извештај од натпреварот:
Вечерва на „Сан Мамеш“ домашните фудбалери извојуваа убедлива победа од 3-0. Мајорка пак пред два дена го изненади Реал Сосиедад и до големиот успех стигна по подобро изведените удари од единаесет метри.
По неочекуваниот пораз на „Ванда Метрополитано“ (0-1), Диего Симеоне подготви офанзивна тактика за реваншот, но сè пропадна во вода уште во 13. минута, кога Ињаки Вилијамс, на додавање на помладиот брат Нико, погоди за огромна домашна радост и водство на Атлетик од 1-0. Во финишот од првиот дел двајцата фудбалери одново се најдоа во центарот на вниманието, но овој пат ги променија улогите и младиот шпански ас Нико Вилијамс погоди за комотни 2-0.
Вториот дел започна со задоцнување од петнаеесет минути, пореди здравствени проблеми на еден гледач од публиката, кому мораше да му биде пружена лекарска помош. Откако натпреварот продолжи Атлетик Билбао зададе уште еден удар и Гурузета во 61. минуга стави точка на победата на својот тим и пласманот во големото финале.
Минатогодишен освојувач на овој трофеј е екипата на Реал Мадрид, но „кралевите“ испаднаа во осминафиналето, каде беа елиминирани од најлутиот градски ривал. Финалниот натпревар се игра на „Ла Картуха“ во Севиља на шести април.