ВИДЕО: Лудиот Милан за ПЕТ минути даде ТРИ гола и го „расплака“ Јуве

Екипата на Јувентус не успеа да го искористи киксот на Лацио и пропушти огромна шанса за двоцифрена предност на табелата во Серија А, откако на вечерашното големо дерби на италијанскиот фудбал остана со празни раце против Милан. „Старата дама“ беше на прагот на победа, затоа што имаше водство од 0-2, но миланезите одиграа моќни пет минути во кои постигнаа три гола и извојуваа заслужена победа од 4-2. 

  • Извештај од натпреварот. 

Ако актерите на мечот одиграа први 45 минути за заборав, без ниту едно поголемо возбудување пред двата гола, во вторите како на терен да истрчаа нови фудбалери кои ни приредија атомски фудбал и дури шест гола.

Голеадата во Милано ја отвори францускиот ас Рабио во 47. минута. Летното засилување на „старата дама“ блесна во вистински момент и по неверојатна соло акција во стилот на Марадона го претрча речиси цел терен и на ефектен начин ја затресе домашната мрежа за радост на шампионот и водство од 0-1. Само шест минути подоцна следуваше нов шок за домаќините, откако по едно одлично додавање на Квадрадо, Кристијано Роналдо му избега на противничките дефанзивци и биеше неодбранливо за Донарума (0-2). 

И кога се очекуваше дека Јуве е пред нова победа и натпреварот рутински ќе го сведе во своја корист, Милан одигра неверојатни пет минути и направи пресврт за историја. Сè започна во 62. минута и голот на Ибрахимовиќ од пенал, по кој во 66. минута Кеси, на асистенција на Златан, го израмни резултатот на 2-2. 

Но, тоа не беше сè, затоа што веќе во следниот напад Леао се најде на вистинско место и погоди за 3-2, додека лудиот пресврт на миланезите го потврди Ребиќ со гол во 80. минута. 

Во следното коло Јуве е пред нов тежок испит, затоа што ќе ја пречека залетаната Аталанта, додека Милан го игра големото дерби против Наполи.